УЈП: Повратот кај граѓаните во второто тримесечје од МојДДВ е 3,7 милиони евра

30

Управата за јавни приходи (УЈП) известува дека на 31-ви декември се заокружи второто тримесечје од МојДДВ, мерка којашто се спроведува според Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица.

Од УЈП велат дека од почетокот на второто тримесечје, коешто стартуваше во октомври, заклучно со 30.12.2019 година скенирани се 28.948.878 фискални сметки, остварен е промет од 14.301.474.854 денари, вкупениот ДДВ изнесува 1.554.510.671 денари, а повратот од 15% е во износ од 233.176.601 денари или 3.791.000 евра.

Исплатата за второто тримесечје ќе стартува во февруари оваа година. Притоа, од УЈП информираат дека за првото тримесечје од МојДДВ, за коешто исплатата започна во декември 2019 година, исплатен е поврат кај 144.601 граѓани кои во апликацијата МојДДВ внеле валидни трансакциски сметки, во износ од 155.244.780.00 денари.
За граѓаните кои во апликацијата МојДДВ внеле погрешна трансакциска сметка и направиле корекција, исплатата ќе се случи во понатамошниот период.

Од Управата апелираат корисниците кои не внеле трансакциска сметка, тоа да го направат, по што ќе следува исплатата на повратот.