УЈП: Правните и физичките лица да поднесат пријава за регистрација на ДДВ

26

ujp

Даночните обврзници (правни и физички лица) кои во претходната календарска година (заклучно со месец декември 2016 година) од вршење на оданочива стопанска дејност оствариле вкупен промет повисок од 1.000.000 денари имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност најдоцна до 15-ти јануари 2017 година, соопштуваат од Управата за јавни приоди (УЈП).
Во истиот рок, Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност можат да достават и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.

Пријавата ДДВ-01 може да се преземе преку веб страницата на УЈП (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/189) и истата може да се достави: по пошта; лично до Регионалната дирекција на УЈП (според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник); или по електронски пат http://etax.ujp.gov.mk

Истовремено, од УЈП потсетуваат дека даночни обврзници за ДДВ можат да бидат сите правни и физички лица, како и здружувањата на лица кои вршат оданочива стопанска дејност.

За повеќе информации во однос на обврските за регистрација, пријавување и плаќање на ДДВ преземете ја најновата брошура за Регистрација, пријавување и плаќање на данокот на додадена вредност  (http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/8).