УЈП: Рок за плаќање на ДДВ за даночен период октомври 2020 – ноември 2021 година

178

Управата за јавни приходи (УЈП) ги известува даночните обврзници и сметководители дека рокот за плаќање на обврските по основ на данок на додадена вредност пресметан и пријавен во ДДВ 04 пријави за даночни периоди од Октомври 2020 до Ноември 2021 година се продолжува за 5 (пет) дена.

Согласно член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (објавен во Службен весник бр.267 од 09.11.2020 година кој влегува во сила со денот на објавување во Службен весник), данокот пресметан и пријавен за соодветниот даночен период, даночниот обврзник го плаќа најдоцна во рок од пет дена по истекот на роковите пропишани во членот 41 ставови (1) и (4) од овој закон, во кои се поднесува даночната пријава.

Од УЈП информираат дека рокот за плаќање на ДДВ за даночниот период 01.10-31.10.2020 година, кој пред измените на законот беше определен на 25.11.2020 година, е поместен на 30.11.2020 година. Последен даночен период за кој ќе се применуваа оваа одредба е даночниот период 01.11.2021-30.11.2021 година.

Фото: Freepik