УЈП: Увидот во претпополнетата Годишна даночна пријава завршува на 31-ви мај

21

Фото: Pixabay

Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира граѓаните дека на 31.05.2019 истекува рокот за увид во претпополнетата Годишна даночна пријава за 2018 година.

Заклучно со овој рок даночните обврзници кои се регистрирани на системот е-Персонален данок преку своите кориснички профили имаат можност да го менуваат статусот на пријавата, односно да ја потврдат или да ја коригираат.

По истекот на законскиот рок на 01.06.2019, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана.
На 01.06.2019 службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави коишто од страна на граѓаните не се ниту потврдени или коригирани.

Годишната даночна пријава којашто граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи.

Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година.

Пресметаната разлика за доплата по Годишната даночна пријава и платените аконтации во 2018 година, даночните обврзници имаат обврска да ја платат најдоцна до 30.06.2019. Согласно законските одредби УЈП нема да носи Решение за 2018 година за пресметаниот годишен персонален данок од доход.

Граѓаните кои имаат потреба од помош при коригирањето на претпополнетите Годишни даночни пријави можат да се обратат во контакт центарот на Управата за јавни приходи на телефонските броеви 0800 33 000 (само од фиксни оператори) и 02/3253 200 (од сите оператори).

Воедно, од УЈП апелираат до граѓаните кои оствариле приходи, а сè уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, истото да го сторат во најкраток можен рок имајќи ги предвид бројните придобивки на користењето на системот, меѓу нив и заштедата на време коешто досега даночните обврзници го губеа чекајќи во долги редици пред шалтерите и во даночните канцеларии на Управата за јавни приходи.