Управата за јавни приходи воведува нова услуга за граѓаните Е-промена на адресните податоци. Со неа на граѓаните им се нуди можност бесплатно да извршат промена на адресата, телефонскиот број или е-поштата во регистарот на даночни обврзници.
Промената може да се изврши бесплатно со јавување на телефонскиот број 0800-33-000.
“Услугата се состои во тоа што секој граѓанин со јавување на овој телефонски број и со идентификување со името, презимето и матичниот број, како и со бројот на едно од даночните решенија, може да изврши промена на адресните податоци”, појасни директорот на УЈП Горан Трајковски.
Тој нагласи дека се одлучиле на ваков чекор со цел да се надминат сите недоразбирања што произлегуваат од непроменетите адресни податоци и да се олесни комуникацијата со граѓаните.
“Сите нервози кои произлегуваат дали решението стигнало или дали стигнало на вистинската адреса сега можат на брз, ефикасен и бесплатен начин да бидат надминати”, рече Трајковски.
При првото јавување се добива и пинкод кој кон средината на годината граѓаните ќе може да го користат за да ја видат својата состојба во УЈП.
Досега оваа услуга на УЈП ја користеа правните субјекти. Вкупно 1.360 компании со оваа услуга ги имаат ажурирано адресните податоци.