УЈП: Започна исплатата за МојДДВ за второто тримесечје

630

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со исплата на парични средства за второто тримесечје согласно Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица.

Повратот од 15% од ДДВ се префрла на сметките на граѓаните кои се корисници на апликацијата МојДДВ за месеците октомври, ноември и декември 2019 година.

Oд 01.07.2019 до 31.01.2020 година апликацијата МојДДВ ја користат 236.442 корисници, скенирани се 66.885.228 фискални сметки, остварен е промет од 32.456.740.434 денари, вкупен ДДВ 3.512.292.634 денари, поврат 15% во износ од 526.843.896 денари или 8.567.000 евра.

Во месец јануари 2020, првиот месец од третото тримесечје има нови 23.387 корисници на апликацијата МојДДВ и вкупен поврат 15% од ДДВ заклучно со 31.01.2020 година во износ од 1.724.000 евра.

Управата за јавни приходи уште еднаш апелира до граѓаните да ги проверат своите трансакциски сметки и доколку има грешка во внесувањето, да ја коригираат со цел навремена и ефикасна исплата.