Туризмот, земјоделството и енергетиката интересни за украинските бизнисмени

20

caa1ca4d-51c5-4369-b1ba-8edda484fbfcУкраинските стопанственици од Дњепропетровск најмногу се заинтересирани за инвестиции во областа на туризмот, земјоделството, производствени дејности, особено во машинската индустрија, рударството, градежништвото и енергетиката.

Ова го истакна владината делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, која престојува во Украина и ги презентира бизнис можностите во Македонија.

Од Министерството за финансии соопштуваат дека владината делeгација, во чиј состав се и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо вчера остварила средба и со губернаторот на Дњепропетровск и неговиот економски тим.

На средбата се дискутирало за важноста од зголемување на економската соработка. Претставниците од Украина искажале заинтересираност за потпишување меморандум за соработка меѓу Агенција за инвестиции на Украина и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони на Македонија. Исто така средбата била искористена и за покана на делегација со бизнисмени од Дњепропетровск за посета на Македонија.

Според најавите од Министерството за финансии, денес вицепремиерот ќе оствари средба и со губернаторот на Доњецк и неговиот економски тим и ќе има презентација за економските потенцијали на Македонија пред инвеститори од Доњецк.