Унгарија е деветти трговски партнер на Македонија

11

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Ласло Дукс, со кого разговараа за актуелните состојби поврзани со мерките за поддршка на економијата во услови на пандемијата со коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и поддршката од Унгарија во процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Дукс се согласија дека економската соработка помеѓу двете земји се развива во позитивна насока, при што Унгарија од 27-то место во однос на трговската размена, за само неколку години, стана деветти трговски партнер на Северна Македонија, а во меѓусебниот разговор изразија очекување дека овој тренд ќе продолжи и понатаму.

Битиќи нагласи дека соработката со земјите членки на ЕУ, останува врвен приоритет на Владата и додаде дека се надева на поддршка од Унгарија во процесот на преговори и пристапување кон ЕУ, како и дека ќе може да се искористат унгарските искуства во процесот и при привлекување на фондови за реализација на развојни проекти во нашата земја.

Вицепремиерот потенцираше дека во периодот кој следи ќе работи на поттикнување на соработка со сите земји во регионот на Западен Балкан, со цел во секоја земја да се креираат конзистентни и кохерентни економски политики, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на секоја од земјите, но и регионот во целина,  наместо создавање на конкуренција помеѓу земјите, со цел да станеме поатрактивен партнер на ЕУ.

Битиќи и Дукс разговараа и за можноста за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и Унгарија, за што вицепремиерот посочи дека во земјата во периодот кој следи ќе се реализираат голем број на крупни проекти за развој на железничката и патната инфраструктура, енергетиката, како и проекти за заштита на животната средина и управување со водни ресурси, за кои постои искуство и знаење кај унгарските компании.

Амбасадорот Дукс го реафирмираше ставот дека Северна Македонија може да очекува помош и поддршка од Унгарија во пристапниот процес, а заедно со вицепремиерот Битиќи се заложија да продолжат со интензивна комуникација во насока на унапредување на меѓудржавната економска соработка и поефикасното интегрирање на нашата земја во ЕУ.

Фото: Pixabay