Уни Банка за девет месеци прикажа добивка во износ од 198.222.000 денари, додека истиот период лани изнесуваше 190.235.000 денари, покажуваат податоците од билансот на успех објавен на Македонска берза.
“Остварените вкупни приходи од работење заклучно со третиот квартал од 2018 година изнесуваат 963,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат пораст од 12,9%. Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 198,2 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи“, стои во Образложението за финансиските резултати.
Во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), како што се наведува, најголемо учество од 72,5% имаат приходи од камати, кои во споредба со истиот период од 2017 година се зголемени за 15,6%, како резултат на порастот на кредитното портфолио коешто во однос на 31.12.2017 се зголеми за 27,2% и достигна ниво од 14 милијарди денари. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население, и соодветно е остварен годишен пораст од 23 процентни поени на приходите од камати на население.
Порастот на кредитирањето, зголемениот обем на активности во доменот на платен промет и картично работење, придонесоа приходите од провизии на банката да се зголемат за 8,3% во однос на истиот период од минатата година.