Управниот одбор на Стопанска Банка со нов состав

20

74DC339BF1771747A6003D0D2DE78BFA

На Годишното Собрание на акционери на Стопанска банка АД кое денес се одржа во Скопје беа донесени одлуките поврзани со резултатите од 2012 година.

Притоа беше потврдена добивката по оданочување остварена во 2012 година  во износ од 12,9 милиони евра, која е за 26% повеќе во споредба со минатата година.

Банката ја потврди својата водечка позиција во банкарскиот сектор во Република Македонија како најпрофитабилна и највисококапитализирана банка, со зголемена депозитна база и кредитно портфолио и со високо ниво на квалитет на кредити.

Собранието на акционери одлучи да ја задржи целокупната добивка од 2012 година, со што придонесе за натамошно јакнење на капиталната база и потенцијалот за раст на Банката. Треба да се напомене и дека од приватизацијата наваму целата добивка на Банката се задржува во Банката и се реинвестира во домашната економија.

Истовремено, Банката го објави именувањето на г-динот Диомидис Николетопулос, сегашен  Заменик Генерален Директор за банкарство на мало, финансиски и оперативни активности и член на Управниот одбор, како Генерален Извршен Директор и Претседател на Управниот одбор.

Понатаму, г-ѓа Милица Чапаровска, во моментов Директор на Сектор за управување со производи и еден од најискусните директори во Банката, ќе биде именувана за член на Управниот одбор, по добивањето на потребните согласности од Народната банка на Република Македонија.

Со наведените именувања, Управниот одбор ќе се состои од четири членови: г-дин Диомидис Николетопулос како Претседател, г-дин Тони Стојановски, г-дин Теодоулос Скордис и (по добивањето на соодветната согласност) г-ѓа Милица Чапаровска.

Со новиот состав на Управниот одбор, кој исклучиво го сочинуваат менаџери кои дале свој придонес и се со долгогодишна кариера во Банката, таа ќе продолжи да биде успешна како и досега и ќе остане еден од клучните столбови на економскиот и севкупниот развој на земјата преку кредитна поддршка за компаниите и граѓаните, истовремено обезбедувајќи сигурност дека средствата што депонентите и акционерите ги довериле на Банката се најдобро искористени.

Оваа заложба е силно поддржана од страна на мнозинскиот акционер – НБГ Групацијата, која во моментот успешно ја завршува сопствената рекапитализација. Со оваа рекапитализација се потврдува позицијата на Групацијата како една од најсилните и најстабилните банкарски групации во Југоисточна Европа, посветена на постојана поддршка на економиите во државите каде што е присутна.

Поддршката и долгорочната ориентираност на Групацијата кон развојот на Банката и вербата во економскиот потенцијал на земјата, се покажуваат не само преку задржувањето на добивката во целиот период од приватизацијата наваму, туку и преку посветеноста кон поддршката на секој одржлив и профитабилен проект и клиент во земјата.