УСАИД е домаќин на конференција на локалните економско-социјални совети

22

usaid

Денес, Проектот на УСАИД за стекнување вештини за вработување кај младите (Мрежа ЈЕС) беше домаќин на конференција за локалните економско-социјални совети (ЛЕСС).

На конференцијата беше истакната важноста на ЛЕСС како движечка сила при развивање ефикасни економско-социјални политики, генерирање нови работни места, како и при подобрување на локалните економии. Користејќи го Националниот економско-социјален совет како модел, УСАИД помогна да се основаат ЛЕСС во Штип, Струмица, Битола, Гостивар, Тетово и во Град Скопје, и го поддржува веќе воспоставениот Економски совет на Прилеп. ЛЕСС се формирани и во Ресен, Свети Николе и Велес со поддршка на ЕУ/МОТ. Иако основањето на овие ЛЕСС беше потпомогнато со меѓународна поддршка, општините ќе бидат одговорни за нивното одржување, а присутните разговараа и за тоа што треба да се направи за да се обезбеди нивната долгорочна одржливост.

Американскиот амбасадор Џес Бејли забележа: „Преку јавно-приватниот дијалог формализиран во овие ЛЕСС, креаторите на политики, јавноста и експертите работат заедно на попрецизно идентификување на специфичните предизвици во своите заедници и на тоа како најдобро да се одговори на нив. Истражувањата покажуваат дека јавно-приватниот дијалог доведува и до поголема транспарентност, доверба, и ефективност на политиките.“ Тој додаде, „ЛЕСС се извонреден ресурс. Доколку општинските лидери сакаат овие ресурси да продолжат да носат корист за нивните заедници, ги повикувам да ја институционализираат улогата на ЛЕСС во процесот на креирање политики и да изнајдат начини за нивно одржување.“

Присутните на конференцијата опфатија претставници од НЕСС и ЛЕСС, од општинските власти, Сојузот на синдикати, Конфедерацијата на слободни синдикати и од Организацијата на работодавачи на Македонија.