УСАИД го одбележува петгодишното партнерство за подобрување на македонската економија

25

Vertical_RGB_600

Владата на САД преку Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), денеска, 11 декември, ги прославува резултатите од својот Проект за унапредување на инвестирањето и извозот (ИДЕАС). Целта на овој петгодишен проект од 4,8 милиони американски долари беше да се зајакне македонската економија преку поголеми инвестиции во приватниот сектор и зголемен извоз на македонските производи. ИДЕАС го донесе приватниот сектор во процесите на креирање на политиките со неколку македонски владини агенции и заедно се фокусираа на развој на политики и реформи со кои се олеснува инвестирањето, се стандардизираат домашните процедури и прописи за вршење на инспекции и да ги усогласат законите на Република Македонија со оние на Светската Трговска Организација.

Во своето обраќање, амбасадорот на САД Џес Бејли, истакна дека “просперитетна демократија зависи од слободата на говорот, робустен граѓански ангажман, владеење на правото, независно судство и добро образовани граѓани. Сепак, ништо од ова нема да биде приоритет, доколку граѓаните се загрижени како ќе ги прехранат своите семејства. Толку многу зависи од здравата економија.“  Тој додаде: “ Секако дека имаме многу заеднички успеси, но верувам дека еден од најважните на овој проект е  навиката да се работи во тандем, во сите сектори, и со поголема транспарентност”.

Амбасадор Бејли и Директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, во знак на благодарност на единаесетте институции им врачија плакети на: Кабинет на Заменик претседател на Влада на Република Македонија задолжен за економски прашања, Министерството за економија, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (InvestMacedonia), Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Бирото за јавни набавки, на Царинската управа на Македонија, Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК) на Република Македонија.

Меѓу многуте достигнувања на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (ИДЕАС) и партнерите се: Стратешка рамка и бизнис модел за ИнвестМакедонија, Прирачник за извозници и планови за извоз за текстилниот и услужниот сектор; методологии и техники за вршење инспекциски надзор; два нови механизми за јавно-приватен дијалог (Единствениот национален електронски регистар за регулативи – ЕНЕР и НСПК) и шест веб-портали кои овозможуваат поголем пристап до информации за приватниот сектор. Покрај тоа, беа доделени грантови од 40.000 американски долари на 12 компании за да ја подобрат нивната конкурентност и за експанзија на пазарот и беше организирано учество за 115 претставници од деловната заедница на 15 светски трговски настани. Исто така, 89 претставници од бизнис организации беа обучени за креирање документи за политики, а 2.400 лица беа обучени за извоз, спроведување на индустриска политика, јавни набавки, олеснување на трговијата, инспекции и користење на ЕНЕР.