USAID ја прошири иницијативата за одгледување пченка во Пелагонија

31

Проектот на USAID за експанзија на мали бизниси објави дека ја проширува иницијативата Да одгледуваме повеќе пченка во Пелагонија, каде што годинава донираше 35 системи за наводнување капка по капка за пченка.

Заменик директорот за економски и политички прашања на амбасадата на САД, Рајан Стонер, свечено вклучи еден од новите 35 системи капка по капка на полето со пченка на Илчо Даскалоски во близина на село Мало Коњари.

“Земјоделците од Полог и Пелагонија кои учествуваа во иницијативата Да одгледуваме повеќе пченка во 2013 ги зголемија своите приноси на пченка во зрно и силажа за повеќе од 50%. Некои од земјоделците постигнаа дури 17 тони зрно по хектар и 112 тони силажа по хектар. Со поддршката од земјоделците во Пелагонија кои се придружија на нашата иницијатива оваа година, имаме намера да ги надминеме и овие резултати во 2014” рече Стонер.

“Ги покануваме сите земјоделци и млекари да ни се придружат во оваа иницијатива преку учењето за најдобрите земјоделски пракси и инвестирањето во оваа нова технологија”, додаде Стонер.

На настанот присуствуваа градоначалниците од пелагонискиот регион, претставници од АПРЗ и ФФРМ, претставници од млекарите Битолска Млекара и Идеал Шипка, како и земјоделци и сточари од регионот.

Во 2013 Проектот на USAID за експанзија на мали бизниси успеа да ги зголеми приносите на земјоделците кои учествуваа во иницијативата Да одгледуваме повеќе пченка за повеќе од 50%. Затоа што пченката во Македонија најчесто се користи за сточна храна, зголемените приноси им овозможуваат на сточарите да нахранат четири пати повеќе крави со истата површина на пченка. Овој пристап на одгледување пченка ќе им овозможи на малите земјоделски бизниси во Македонија да станат поконкурентни, попрофитабилни и поодржливи.