УСАИД креира иновативен фонд за поддршка на малите и средните претпријатија во Македонија

26

usaid homestrings seaf

Вчера, во Скопје, УСАИД го промовираше Инвестицискиот фонд на УСАИД – Homestrings и SEAF Македонија II, на приемот чиј домаќин беше Амбасадорот на САД Пол Волерс. УСАИД го креираше иновативниот фонд во партнерство со Фондот за поддршка на мали и средни претпријатија (SEAF) и Homestrings, онлајн инвестициска платформа, со цел да ѝ овозможи на дијаспората да инвестира со доверба во малите и средни бизниси во Македонија. Средствата прибирани од Homestrings ќе бидат поддржани со гаранција од УСАИД со која се споделува ризикот меѓу Homestrings и УСАИД и понатаму ќе бидат инвестирани од страна на SEAF во компании кои имаат потенцијал да креираат нови работни места и да промовираат економски развој.

На приемот на кој беше промовиран фондот, Амбасадорот Волерс изјави: „Знаеме дека ограничениот развој и диверсификација на финансискиот сектор, во комбинација со високите барања за залог го прават пристапот до финансиски средства една од главните препреки за развој на бизнисите во Македонија, но веруваме дека овој нов фонд ќе застане пред тие препреки и ќе им овозможи на голем број компании да ги прошират своите дејности, да развијат нови производи или услуги и да влезат на нови пазари“.

Секоја година, милијарди долари се испраќаат ширум светот преку девизни дознаки од страна на лица кои повеќе не живеат во своите земји на потекло. Неодамнешните анкети за дијаспората покажуваат дека постои голема желба да се насочат до 15% од овие дознаки во развојни цели, доколку се воспостават сигурни и доверливи механизми за тоа. Имајќи ја предвид оваа идеја, во изминатата година и половина, УСАИД Македонија го предводеше процесот на креирање на глобален гарантен механизам за развојни кредити, во партнерство со Homestrings и SEAF. Организацијата на дијаспората, Македонија 2025, исто така беше вклучена во развојот на овој фонд, а неколку нејзини членови веќе ги дадоа првите ветувања кон фондот.

SEAF, не само што ќе инвестира, туку ќе соработува со компаниите кои ќе бидат приматели на оваа поддршка, особено на нивниот внатрешен организациски развој, односно на подобрување на нивните финансиски, оперативни и на други менаџерски практики.