УСАИД му помага на Пехчево да заштеди и да ги ублажи климатските промени

43

Директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стajн, денеска се придружи на прославата во општина Пехчево по повод завршувањето на енергетски-ефикасните реновирања и надградби во општинското основно училиште Ванчо Китанов, детската градинка 7 Септември, спортската сала Јане Сандански и Домот на културата Јане Сандански. Преку подобрување на термоизолацијата и замена на старите системи за греење со модерни енергетски-ефикасни печки во нивните општински згради – како и преку користење енергетски-ефикасни сијалици на уличните светилки, заедницата ги намали трошоците и емисиите на стакленички гас. Активностите беа извршени како дел од Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени.

“Со менаџмент и финансии од УСАИД, сите заедно работевте на проценка на состојбата овде во Пехчево. Сите вие, граѓаните заедно со владините лидери –  ги одредивте заедничките потреби и дојдовте до план за да и помогнете на вашата заедница да стане поиздржлива кон почести екстремни температури и непредвидливи временски услови”, рече директорот на мисијата, Стајн. Градоначалникот на Општина Пехчево, Игор Попоски; координаторот на Програмата за мали грантови на Глобалниот фонд за животна средина, Златко Самарџиев и директорот на Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, Игор Славкоски, исто така дадоа кратки изјави пред заедно да ја пресечат свечената лента пред Домот на културата.

Преку Проектот за општински стратегии за климатски промени УСАИД има придонесено со повеќе од 100.000 долари за заложбите на Општина Пехчево да стане општина со поголема енергетска ефикасност. Придонесот на програмата за мали грантови на Глобалниот фонд за животна средина e во висина од 20.000 американски долари, додека целокупниот финансиски придонес на општината е околу 35.000 американски долари.