УСАИД овозможи одржливо управување со водните ресурси во Боговиње

17

Американскиот амбасадор Џес Бејли, денеска се придружи на заедницата во Боговиње во прославата на монтирањето на 2.800 мерни инструменти – водомери во населените места Камењане, Долно Палчиште, Калник и Синичане и во промоција на одржливото користење на водата за пиење и зголемената ефикасност на системот на водоснабдување. Работата беше извршена како дел од учеството на општината во Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија. Оваа адаптивна мерка помага заедницата во Боговиње да ги намали растечките притисоци врз водните ресурси, како директна последица од климатските промени. За граѓаните на овој регион, штедењето вода е една од клучните мерки за адаптација кон климатските промени. Како мерка за одржливо управување со водите, новоинсталираните водомери ќе обезбедат контролирано и балансирано користење на водата во општината, како и зголемување на свеста на граѓаните за рационалното користење на водните ресурси како услов за полесно прилагодување кон климатските промени.

“За намалување на сè поголемиот ризик од екстремни временски услови, потребни се нови, интегрирани пристапи кои ќе им помогнат на локалните заедници да се справуваат поефективно. Како што расте ранливоста на водните ресурси на климатските промени, така ние треба да развиваме поодржливи практики за управување и ефикасно користење на водните ресурси”, истакна Амбасадорот Бејли. Тој додаде: “Овде во Боговиње, како резултат на вашата работа со поддршка на УСАИД, не само што го подобривте водоснабдувањето, туку исто така, обезбедивте рационално и одржливо користење на водата за пиење. Ја зголемивте ефикасноста на целокупниот систем за водоснабдување во заедницата, а истовремено ги намаливте ризиците за вашата заедница од потенцијален недостиг на вода”.

За овој пилот проект УСАИД придонесе со 4.503.209 денари (82.942 долари), a општината учествуваше со 2.712.727 денари (49.964 долари). Општинскиот удел од 38% во оваа инвестиција и активната вклученост во проектните активности ја одразуваат значителната посветеност и ангажман на општината во адаптацијата кон и ублажувањето на последиците од климатските промени. Зајакнувајќи ја локалната отпорност кон климатските промени, проектот го зајакна граѓанското општество поттикнувајќи граѓански активизам и посветеност на луѓето на заедничка работа за прашања од заеднички интерес.