Усје доби највисока награда за заштита на животната средина

24

usje

За резултатите од имплементацијата на проектот Намалување на емисиите во воздухот, Цементарница Усје ја доби годинешната награда за општествено одговорно делување во категоријата Заштита на животната средина.

Проектот за кој Усје го доби годинешното највисоко национално признание за општествено одговорно делување ги верификува напорите на компанијата во натамошно намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) во воздухот. Иако влијанието на Усје во однос на емисиите во воздухот, вклучувајќи ги и азотните оксиди, се под законски утврдените граници, компанијата, во текот на 2014-та година, инвестираше во нова современа технологија и дополнителна опрема со која се овозможи дополнително намалување на емисиите на азотни оксиди за повеќе од 20% на годишно ниво.

“Оваа награда на најдобар начин ја отсликува почитта на Усје кон вредностите и интересите на заедницата и посветеноста кон принципите за оддржлив развој, при што посебно внимание обрнуваме на заштитата на животната средина. Фактот што шеста година по ред добиваме признанија во различни категории, говори за континуираниот и пред сè стратешки пристап на нашата компанија на полето на општествената одговорност. Оваа награда ја добиваме во исклучително важен момент за нашата компанија која годинава прославува 60 години од почетокот со работа. Таа ни дава дополнителен мотив да продолжиме во остварување на нашите деловни цели на етички и општествено одговорен начин“, изјави главниот извршен директор на Цементарница Усје, Борис Хрисафов, кој истовремено управува и со одборот за корпоративна општествена одговорност на компанијата.

Ова, за Цементарница Усје е второ национално признание за општествена одговорност во областа на заштитата на животната средина. Претходните години компанијата беше наградувана и за реализираните проекти во областа на односите со вработените и унапредувањето на пазарот.

Во делот на заштитата на животната средина, Цементарница Усје уште од 2006-та година е сертифицирана во Системот за управување со животната средина ISO 14001:2004, а во 2011-та година ја доби и А – интегрираната еколошка дозвола, што ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.

Инаку, Цементарница Усје од 2008-та година е потписничка и членка на Глобалниот договор на Обединетите нации (ОН) што ја обврзува да ги почитува принципите на општествено одговорно делување во областите на заштитата на животната средина, човековите и работничките права, антикорупциското делување и корпоративното управување и лидерство.

За своите напори и активности во сферата на оддржливиот развој, управување со животната средина и општествено одговорното делување, компанијата, почнувајќи од 2010-та година објавува сеопфатен годишен извештај кој годинава за првпат доби и меѓународна верификација за напредно ниво од страна на специјализирана меѓународна ревизорска агенција за проверка на ваков вид извештаи.

Целиот извештај за корпоративна општествена одговорност и оддржлив развој на Цементарница УСЈЕ за 2014-та година е достапен на интернет страницата www.usje.com.mk.