Успешен менаџер мора да знае да преземе акција и да носи брзи одлуки

151
naslovna
Огнен Огненоски, ко-основач и директор на продажба на Таргет Груп ДОО Скопје

Таргет Груп е компанија за управување со деловни информации, со целосна база на регистарски и финансиски податоци за сите регистрирани правни лица од државата. Компанијата развива алатки за проценка на квалитетот на компаниите и ризикот што произлегува при соработка со компании, алатки за зголемување на продажба и слично, а нејзин бренд е онлајн платформата БизнисМрежа.мк.

“Работата на Таргет Груп е на македонските компании да им овозможи брз и квалитетен пристап до информации кои ќе им помогнат при носење квалитетни деловни одлуки”, вели Огнен Огненоски, ко-основач и директор на продажба.

БИ: Кажете ни неколку збора за Вашата улога во Таргет Груп?

Живеев осум години во Словенија, завршив Економски факултет на државниот универзитет во Љубљана, а потоа се усмерив на претприемништво и продажба. Постојаната работа во реномирани компании за време и по моите студии многу ми помогна при моето усовршување во продажбата. Во 2012 година се вратив во Македонија и започнав приватен бизнис. Моментално сум директор за продажба и ко-сопственик на Таргет Груп ДОО Скопје. Моја одговорност е максимално да им го пренесам моето лично знаење и искуство од продажбата на своите вработени. Пред да започнете со продажба, мора да создадете услуга или производ кој ќе вреди и задоволува некои основни стандарди. Заедно со нашиот тим за развој континуирано работиме на креирање услуги кои ќе им помогнат на компаниите во Македонија.

ognen 1БИ: Кои вештини и особини треба да ги поседува успешен менаџер за продажба или претприемач?

Најважна особина е да знаете да преземете акција. Воедно, успешниот менаџер мора да има способност за носење брзи одлуки, што претставува половина од спроведената акција. Од друга страна, брзо донесената одлука може да влијае на квалитетот на одлуката, па затоа е потребна оптимизација на процесот. Успешниот менаџер мора да има огромна самодоверба, знаење и претходно искуство. Од друга страна, пред носењето одлука мора да прифатите одреден ризик. Значи мораме да направиме проценка на тој ризик, но доколку во процесот на донесување одлуки, одлуката ја базираме на квалитетни информации, ќе го одржиме ризикот на минимално ниво. Работата на Таргет Груп е токму тоа, на македонските компании да им овозможи брз и квалитетен пристап до информации кои ќе им помогнат при носење квалитетни деловни одлуки.

 

БИ: Како поминува еден Ваш работен ден во Таргет Груп, на кои проекти работите моментално?

Успешен претприемач нема неработен ден, мислите се постојано на работа, постојано размислувате што да подобрите, усовршите, правите проценка за преземање акции со помал ризик и слично. Се обидувам да бидам максимално фокусиран на подобрување и надградба на услугите кои ги нудиме. Заедно со мојот тим за продажба сме максимално фокусирани, на компаниите да им ги пренесеме придобивките кои произлегуваат со користење на нашите услуги. Моментално работиме на повеќе проекти, меѓу кои рангирање на компаниите во Македонија според бонитетна оцена, а за кратко време ќе понудиме и проверка на кредитниот лимит за една компанија, со што корисниците на БизнисМрежа ќе знаат колку максимално да се изложат кон клиентите. Сите овие информации ќе им помогнат при носење на квалитетни деловни одлуки.

БИ: Вашата компанија направи бум на пазарот. Нудите увид во билансите за сите компании од државата, проверка на блокада на сметка, увид во поврзани лица, мониторинг, итн… на кого му служат овие информации?

Главна цел на БизнисМрежа.мк е да овозможи на претприемачите, менаџерите и останатите деловни луѓе проверка на работењето на постоечките и потенцијалните деловни партнери, споредба на својата компанија со конкуренцијата, како и управување и развивање на мрежа на соработници и партнери. Нашите услуги им се неопходни на менаџерите, на оние кои носат одлуки, а притоа им се потребни пазарни информации за нивните партнери или конкуренти. Успешен менаџер не може да си дозволи да донесе било каква одлука или да започне со акција, а да не направи финансиска проверка на партнерот или конкурентот, односно да ја погледнете нивната финансиска моќност, како таа компанија е поврзана со други во државата, каква е нивната ликвидност и слично, со еден збор да направи проценка на пазарот.

БИ: Кои информации од платформата БизнисМрежа се најпопуларни за македонските компании?

БизнисМрежа има 8 модули за користење, односно повеќе пристапи до информации за компаниите. Наскоро, од почеток на месец мај, на платформата ќе бидат достапни финансиските податоци за 2015 година за сите компании. Во модулот финансии, кој воедно е најпопуларен помеѓу корисниците, покрај финансиските податоци ќе бидат искалкулирани и најважните индикатори за успешноста на компаниите. Во овој дел точно се знае колкава е задолженоста на компанијата, колкави се нивните обврски, какво е нивното самофинансирање, односно дали успеваат со нивните приходи да ги финансираат обврските или им се потребни задолжувања, кредити или позајмици. Модулот финансии е најважен за проценка на бизнисот. Дополнително, корисниците можат да погледнат каква е успешноста на поврзаните лица за дадена компанија. Ова е доста корисно, бидејќи често знае да се случи неуспехот на одредена фирма да биде рефлектиран на друг поврзан субјект, ќерка или мајка фирма.

image001

БИ: Кои се Вашите планови за иднина, што ново, иновативно ќе понудите? Дали планирате излез на странски пазар?

Пазарот го формираме ние самите, пазарот е исход од нашата креативност и посветеност. Доколку понудите иновативен производ кој ќе му помогне на стопанството и продолжите со иновативноста, само можете да замислите каде е лимитот. Наша долгорочна цел е да прераснеме во глобална компанија, која ќе го оценува работењето на компаниите ширум Европа. Моментално сме во финална фаза за влез на пазарот во Албанија, нешто подоцна и во Бугарија, а наш најголем предизвик претставува огромната Турција. Пред да излезете на друг пазар мора да бидете докажани и број еден во својата земја. Ние се трудиме да го задржиме епитетот први, најдобри и најуспешни, па така и да продолжиме надвор од државата.

БИ: Каква е реакцијата на клиентите кои ги користат вашите продукти?

Со оглед на тоа што обновливоста на нашите договори достигнува 90% сме повеќе од задоволни. Во просек, секој наш корисник нè има препорачано на најмалку пет други компании, а секој задоволен клиент донесено нови два клиента. Не се сложувам со оние кои велат дека македонскиот пазар тешко прифаќа новитети, но со сигурност можам да потврдам дека на Македонија ѝ се потребни иновативни услуги, производи кои ќе го олеснат секојдневното работење. Ние успеваме да ги следиме барањата и потребите на клиентите и ја користиме нашата креативност во креирање производи кои ќе им олеснат на деловните луѓе при секојдневните бизнис одлуки.