Успешна понудата за преземање на акциите издадени од ФЗЦ 11 Октомври

49

fzc 11 oktomvri

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на 72-та седница донесе решение со коешто понудата за преземање на акциите издадени од ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово, дадена од понудувачот Квалитет Пром ДООЕЛ Куманово, се утврдува за успешна.

Понудата за преземање, како што наведува КХВ, била прифатена од вкупно 90 сопственици на обични акции со право на глас во ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово кои поседуваат 262.267 обични акции, што претставува 56,69% од вкупниот број на обични акции со право на глас, односно 53,41% од вкупниот број издадени акции од ФЗЦ 11 Октомври АД Куманово.

Инаку, најмалата количина на обичните акции кои требаше да бидат откупени за понудата да биде успешна е 234.158 акции, односно 50,62% од вкупниот број на обични акции. Со надминување на овој праг, понудата за преземање е успешна. Преземањето на хартиите од вредност се врши по цена од 550 денари по акција.

На почетокот на април, компанијата за градежништво и трговија, Квалитет Пром од Куманово објави намера за објавување на јавна понуда за преземање на ФЗЦ 11 Октомври од Куманово.

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 72-та седница им даде согласност на Коста Костадиновски и на Јован Дојчиновски да бидат именувани за извршни членови на Друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје. Коста Костадиновски ќе ја извршува функцијата главен извршен директор, а Јован Дојчиновски извршен директор. Согласно Одлуката на Собранието на акционери на Друштвото за управување со инвестициски фондови Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија одобри Коста Костадиновски и Јован Дојчиновски да имаат мандат од две години.