Успешно заокружен процесот на издавање на граѓанската обврзница, граѓаните со повеќе од двојно поголем интерес од објавениот

24

Процесот на издавање на првата емисија на граѓанската обврзница денеска успешно заврши со одржување на аукцијата на која беа запишан износ од 1.448.030.000 граѓански обврзници, што е двојно повеќе од она што беше објавено со Проспектот за граѓанската обврзница во износ од 600 милиони денари.

„Интересот беше голем за овој нов иновативен производ на финансисксиот пазар. Граѓаните го препознаа својот интерес и ја искористија можноста да инвестираат во производ кој за нив е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација”, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека придобивките од воведувањето на овој инструмент на пазарот се повеќекратни и дека покрај бенефитите за граѓаните, инвестирањето во нив значи и дека тие придонесуваат за раст на домашната економија, бидејќи средтвата од граѓанскта обврзница ќе се пласираат преку буџетот во развојни проекти, кои веќе се планирани. Дополнително ќе влијае и на намалување на сивата економија, затоа што ќе ја активира готовината што граѓаните ја чуваат надвор од системот.

На аукцијата учествуваа 1.283 граѓани кои имаа уплатено средства во износ од 1.448.030.000 денари. Минималниот износ кој граѓаните можеа да го уплатат за учество на аукцијата изнесуваше 10.000 денари, со поднесување барање за купување на една граѓанска обврзница. Максималниот износ не беше предвиден. Процесот на поднесување барање и уплатата на средствата се одвиваше преку шалтерите во деловните банки. Во овој процес со Министерството за финансии заедно го спроведуваа сите деловни банки во земјата.

Со аукцијата се заокружува процесот на издавање на граѓанската обврзница, во кој сега следува постапка на евидентирање на граѓанските обврзница во Централниот депозитарот за хартии од вредност. Приносот по основ на камата на граѓаните ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 година за првата година и 20 јули 2025 година за втората година, кога ќе им биде вратен и целиот вложен износ. Каматната стапка за оваа емисија на граѓанска обврзница изнесува 5% годишно и таа е фиксна за двегодишниот период на важност на обврзницата. Тоа значи граѓаните кои инвестирале во граѓанска обврзница ќе добијат принос  вкупно 10% од инвестираниот износ.