Усвоена физибилити студијата за изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас

54

Владата ја усвои физибилити студијата за склучување јавно приватно партнерство за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во источна и западна Македонија.

Како што информира денеска на прес-конференција вицепремиерот Владимир Пешевски, јавните повици ќе бидат објавени до крајот на идниот месец, јавува Миа.

Дистрибутивната мрежа го опфаќа и скопскиот регион за кој веќе се распишани јавните повици. Се пријавиле две компании, а евалуацијата е во тек.

„Вкупната инвестиција за дистрибутивната мрежа долга над 650 километри ќе биде 150 милиони евра од кои 100 за скопскиот регион, а 50 за другите два, источниот и западниот“, истакна Пешевски.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, изградбата се очекува да трае четири години. Во источниот дел од земјава со мрежата ќе бидат опфатени 37 општини, додека во западниот 26.

Министерот за економија Беким Незири потенцира дека бенефитот од снабдувањето со природен гас ќе биде огромен, особено од економски аспект.