Усвоени Годишниот извештај на НБРМ и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2018 година

40

Советот на Народната банка денес одржа редовна седница, на која беше разгледан и усвоен Годишниот извештај за 2018 година. Притоа беше нагласено дека и во изминатата година, централната банка успешно ги оствари целите на монетарната политика за одржување на ценовната стабилност, преку задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот кон еврото и обезбеди натамошно зајакнување на финансиската стабилност. “Со сето ова, Народната банка во континуитет дава придонес за одржување поволен амбиент за активноста во економијата“ – беше потенцирано на седницата.

Во усвоениот извештај е забележано дека амбиентот во кој беше спроведувана монетарната политика во 2018 година беше значително поповолен од оној во 2017 година. Според показателите за економската aктивност, таа закрепнува, инфлацијата се задржува на ниско и стабилно ниво, кредитните текови и натаму солидно растат, а растот на депозитите е забрзан, при поволни промени во структурата на штедењето од валутен и рочен аспект, што упатува на подобрување на очекувањата на економските субјекти и зајакнување на довербата во домашната валута. Довербата на субјектите и здравите основи на економијата придонесоа и за одржување на поволна надворешна позиција, со низок дефицит во тековната сметка и значајни текови кај странските инвестиции, при што во текот на годината на девизниот пазар, Народната банка интервенира само на страната на откуп на девизи. Притоа, беше остварен највисок откуп на девизи во последните десет години и следствено, беше забележан висок пораст на девизните резерви, коишто се одржуваа на соодветното ниво.

Во услови на отсуство на инфлациски притисоци, солидна надворешна позиција, поволни движења во банкарскиот сектор и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, минатата година, Народната банка продолжи со постепеното олабавување на монетарната политика, со намалувањето на референтната каматна стапка во три наврати за вкупно 0,75 процентни поени.

Усвоениот годишен извештај содржи осврт и на останатите активности на Народната банка. Изминатата година продолжи процесот на јакнење на нејзиниот институционален капацитет, преку бројни активности за усвојување и на највисоките меѓународни стандарди во различни сфери од централнобанкарското работење, а беше вклучена и во различни меѓуинституционални активности за унапредување на регулативната рамка и функционирањето на финансискиот систем и економијата во целина. Меѓу другото, во текот на 2018 година се изведе завршната фаза за пристапување кон најновиот стандард за дисеминација на податоци ‒ СДДС плус на ММФ, по што во јануари годинава, земјава се приклучи кон стандардот и се вброи меѓу осумнаесетте земји во светот коишто се дел од него.

На седницата беше искажана цврста решеност унапредувањето на централнобанкарското работење во земјава да продолжи, за што во програмата на Народната банка за оваа година се предвидени голем број активности и проекти, од кои некои веќе се започнати.

Советот го разгледа и го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на земјава во 2018 година. Притоа, беше нагласено дека минатата година, активноста на домашниот банкарски систем значително забрза во услови на прудентно управување со ризиците, што придонесе и за подобрување и на профилот на ризик на банките. Во дискусијата беше подвлечено дека, минатата година, остварувањето на кредитниот ризик мерено преку трендот на нефункционалните кредити се намали, а намалување забележа и учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиските субјекти, коешто се спушти до нивото од 5,2%.

При разгледување на Извештајот беше нагласено дека изминатата година, повеќето показатели за ликвидноста на банкарскиот систем забележаа подобрување, во услови на солиден годишен раст на ликвидните средства на банките. На овој раст отпаѓаат малку повеќе од 40% од вкупниот раст на активата на системот. Директните изложености на банкарскиот систем на валутен ризик и ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности се мали.

Во однос на подобрената профитабилност на банкарскиот систем, на седницата беше истакнато дека во услови на годишен пад на нето каматните приходи, таа главно се должи на пониските трошоци за исправка на вредноста, како ефект од активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 1,7% и 16,0%, соодветно. Доколку се изземат овие еднократни ефекти, профитабилноста на банкарскиот систем во 2018 година е многу блиску до нивото остварено во 2017 година.

Стабилната и задоволителна солвентност на банкарскиот систем минатата година дополнително зајакна. Стапката на адекватност на капиталот изнесува 16,5%, додека соодносот меѓу најквалитетниот слој од сопствените средства на банкарскиот систем и активата пондерирана според ризиците изнесува 15%, што и во двата случаи е повеќе отколку во 2017 година. На агрегирано ниво, на крајот на 2018 година, банкарскиот систем располагаше со „слободен“ капитал над утврдениот регулаторен и супервизорски минимум, чиешто учество изнесува 8,6% од вкупните сопствени средства.

Во рамките на дискусијата за Извештајот беше нагласено дека преминот во втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација склучена меѓу земјава и Европските заедници и нивните земји членки, несомнено, носи промени во деловното окружување на домашните банки, од коишто се очекува дека ќе го зголемат степенот на интеграција на домашниот со глобалниот финансиски систем. Во натамошниот период тие би требало да имаат збогатена понуда на производи и услуги за своите клиенти. Беше истакнато и дека надоаѓањето на финтек-активностите и најавеното донесување на Законот за платежни услуги и платни системи преставуваат предизвици пред кои ќе бидат исправени домашните банки во наредниот период.