Утре почнува обесштетувањето на депонентите од Еуростандард банка

17

Фондот за осигурување депозити од утре треба да почне со исплата на обесштетувањето на осигурениот износ на депонентите на Еуростандард банка до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари.

Исплатата ќе се извршува преку Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка АД Скопје и Халкбанк.

Според информацијата од Фондот, во Комерцијална банка ќе бидат обесштетени депонентите чие презиме почнува а буквите А, Б, В, Г и Д, преку НЛБ Банка ќе бидат обесштетени оние чии презимиња почнуваат на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ, на депонентите на кои им почнува презимето на М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на Стопанска банка АД Скопје на целата територија и депонентите со презимиња на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на Халкбанк АД.

Од Фондот појаснуваат дека депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд кои во Еуростандард банка АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или адвокат Име Презиме или Извршител Име Презиме или со назив на дејноста, на пример, Месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називот. Покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да се приложи и доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).

Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише Потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата.

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.

Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во Еуростандард банка АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.

Народната банка ја затвори Еуростанадард банка на 12 август годинава поради неисполнување на минимални законски услови за работење. Треба да бидат обесштетени депозити во износ од околу 4,4 милијарди денари.

Фото: Freepik