Увозот на велосипеди во ЕУ е двојно поголем од извозот во 2022 година

71

Во 2022 година, Европската унија извезла велосипеди, вклучително и електрични, за 1,1 милијарда евра, а вредноста на увозот била повеќе од двојно поголема и достигнала 2,5 милијарди, објави Евростат пред Светскиот ден на велосипедот, кој се слави на 3 јуни.

Извозот на велосипеди од ЕУ се зголеми за една петтина во 2022 година, додека увозот скокна за една третина во споредба со 2021 година, објави Бета.

Зголемувањето на вредноста на трговијата може да се припише на растот на трговијата со електрични велосипеди кои се значително поскапи. Во 2022 година ЕУ извезла 365.000 електрични велосипеди и увезла 1,2 милиони. Истовремено, ЕУ извезла 1 милион „обични“ велосипеди, а увезла 5,2 милиони.

Водечки купувачи на велосипеди, вклучително и електрични, од ЕУ се Швајцарија, Британија и САД.

Кога станува збор за увоз, ЕУ купува „обични“ најмногу од Камбоџа и Тајван, а електрични од Тајван и Виетнам, покажуваат податоците на Евростат.