В недела поместете ги стрелките еден час наназад

17

В сабота кон недела по полноќ (од 24-ти кон 25-ти октомври) започнува зимското сметање на времето. Според тоа, стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.

Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март, кога стрелките од часовникот ќе бидат поместени за еден час нанапред и ќе започне летното сметање на времето.

Идејата за воведување на овој начин на сметање на времето е засновано на астрономските факти дека во јануари Сонцето излегува околу осум часот, а заоѓа околу 16 часот. За разлика од тоа, во јули, кога денот е значително подолг, Сонцето изгрева околу пет, а заоѓа по 21 часот. Бидејќи луѓето своите дневни активности ги започнуваат во исто време во текот на целата година, обично околу седум часот, во средината на летниот период се “губат“ околу два часа дневна светлина.

Поместувањето на времето најчесто се објавува за време на викенд, помеѓу сабота и недела, за да не се предизвикаат дополнителни проблеми за вработените.

Преминот на летно и зимско сметање на времето за прв пат е забележано во 1916 година во земјите од северна Европа, а досега е воведен во околу 70 земји, најмногу на северната хемисфера.