Вајнбоу почна со промоција на македонските вина во САД

23

Преку претставувањето на вината на Стоби, во синџирот продавници поврзани со големиот дистрибутер Вајнбоу, добро подготвената кампања за претставување на македонското вино во САД, ги даде првите резултати.

Компанија Вајнбоу овозможи македонско вино, за прв пат да биде достапно и во главниот град Вашингтон.

“Имаме 5.000 вина, а од пред неколку недели, за првпат имаме и две вина од Македонија”, вели Џон Фитер од винотеката Мекартур во Џорџтаун.

Имено Фитер се запознал со македонското вино на настан организиран од македонската амбасада и Инвестирај во Македонија и бил водушевил од вранецот на Стоби.

“Вината се добро прифатени, се продаваат побргу отколку што очекував. Мој главен впечаток, од претставувањето во амбасадата, беше дека за САД најинтересни вина ќе бидат тие со домашните сорти на грозје. Сите држави можат да садат каберне совињон, но мене жилавката и вранецот ми се видоа интересни. Добар пристап е да развиете квалитетно вино и потоа да се погрижите тоа да дојде до потрошувачите, да успеете да ве забележат”, вели Фитер.

Тиквешките вина се веќе присутни на американскиот пазар преку дистрибутерот Ерик Соломон. Вината на Стоби, пак, се промовираат во пакет со вина од Србија, Црна Гора и Хрватска, преку Балканскиот вински проект кој го водат Александар Крсмановиќ и Марко Бабсек.

Директорот на винаријата Стоби, Лидија Трајковска, вели дека нивните вина, од 2009 година, се пласирани низ Балканот, Холандија, Чешка, Русија и сега во САД.

“Преговорите со Вајнбоу во САД почнаа во февруари, и првично нудиме сорти кои се карактеристични за балканските простори, како жилавка, ркацители, вранец и смедеревка, а во иднина секако тоа ќе се збогати со повеќе сорти од нашето портфолио. Првиот извоз за САД го реализиравме во септември. Сметаме дека пазарот во САД нуди бесконечни можности и сметаме дека имаме вино со одличен квалитет и цена, како и одличен партнер кој ќе даде придонес за доближување на нашите вина до потрошувачите”, вели Трајковска.

Ова македонско вино, засега ќе може да се најде во стотина продавници поврзани со Вајнбоу. Потоа, следува претставување на вината во ресторани, во самите продавници, и на крај на винските саеми и во специјализираните списанија и блогови.