Вакцините ја оживеаја желбата за патувања

32

Туристичките агенции и тур операторите во Велика Британија, во последните две недели, регистрираа неочекуван скок на резервациите, а вакцината против коронавирусот ги охрабри посебно повозрасните лица над 50 години, пренесуваат британските медиуми.

Туристичкиот сектор новите податоци ги толкува како “доверба во вакцината“ и се чини дека конечно луѓето станаа оптимисти иако пандемијата е присутна во Велика Британија.

Најголемиот британски тур оператор, TUI, наведува дека половина од резервациите на нивната интернет страница се од граѓани постари од 50 години, а нивниот удел претходно бил помал.

Според автобускиот превозник, National Express, во последните две недели резервациите на граѓаните постари од 65 години се скоро трипати зголемени.

“По најавата за вакцинирање, добивме база на купувачи, најмногу постари од 65 години. Се зголеми довербата во резервациите и бележиме скок за ова лето“, вели Џит Десај, од одделот за организација на одмори во National Express, пренесува ВВС.

Пандемијата беше погубна за туристичкиот сектор, којшто во Велика Британија затвори десетина илјади работни места. Милиони Британци ги откажаа одморите поради здравствената ситуација што се промени во целиот свет.

Во овој момент 90% од резервациите во National Express се британски дестинации и се чини дека и оваа година, како и минатата, луѓето ќе патуваат во границите на земјата.

Во однос на летните одмори, Британците повеќе резервираат за јули и август, но има голем интерес и за септември и октомври. Освен тоа, одморите се резервираат на подолг временски период, најчесто се бараат 10 или 14 ноќевања, а не седум како досега, со цел да се надомести загубениот летен одмор од лани.

Фото: Freepik