Важноста на дизајнот на логото за брендирањето и маркетингот

160

media-pixabay

Фото: Pixabay

Брендот е моќен визуелен јазик којшто се користи како поддршка на комуникацијата на една компанија со нејзините потрошувачи. Целта на брендот е да создаде траен впечаток којшто резултира во врска со потрошувачите и создава лојални корисници. Логото е влезната врата за брендот. Сликата е одраз на стратегијата на брендот. Логоата се многу важни затоа што се визуелната алатка којашто го подржува брендот. Логото е лицето на еден бренд, но не е самиот бренд. Сепак, му помага на брендот да биде препознаен. Да се нема лого е исто како да се биде како личност без лице. Некој може да има одличен изглед, супер карактер и глас за на радио, но без лице никој нема да може да ја идентификува таа личност. Не би имало ништо да ги поврзе сите овие работи заедно. Во секој случај, логото е менталната слика на еден бренд, тоа е најбрзиот начин за една фирма да биде признаена, па дури и претпочитана, лого само по себе не е бренд, но брендот без лого, според мене не е потполн. Низ модерната ера, дизајнот на корпоративното лого се повеќе добиваше на значајност како диференцијатор на производите и корпоративен идентификатор. Денес, логоата станаа толку голем дел од модерниот пејзаж што ние, не само што честопати не сфаќаме колку всушност тие се сеприсутни, туку едвај можеме да функционираме без тие да ни делуваат како патокази, кои ни помагаат да се снаоѓаме низ супермаркетите, штандовите со весници, стоковните куќи, па дури и низ градските улици.

На пример, зафатените потрошувачи на тротоарите на денешните метрополи, постојано се во потрага по логоа кои можат со еден поглед да ги насочат до банкомати, ресторани за брза храна, популарни продавници за облека и автомати за продажба. Брендовите испраќаат пораки до потрошувачите дека производите или услугите кои тие ги претставуваат се супериорни во однос на оние на нивните пазарни ривали (Дикинсон и Свенсен, 2000 година).

Ова станува сé поважно како што денешните потрошувачи стануваат сé повеќе и повеќе  “богати со кеш, а сиромашни со време”, што значи дека корисниците се принудени да се потпираат на корпоративниот идентитет и брендирањето на производите да им помогнат брзо да одберат помеѓу постојано растечкиот број на конкурентни производи и услуги (Дикинсон и Свенсен 2000 година).

Симболите како лого на некој бренд се повеќе од “обична етикета” за брендирани производи, тие служат како “визуелна стенографија” за пренесување на пораката и ветувањето на брендот до потрошувачите (Селам 1988 година). Овие симболи можат да бидат големи, како група од сводови на Мекдоналдс коишто се видливи со милји по должината на автопатот, или мали, како скромен знак на маса во излог на Петтата авенија на Менхетен во Њујорк, во зависност од целната публика. Без разлика каков вид на знак луѓето очекуваат да видат, тие се движат низ животот потпирајќи се на корпоративните логоа како водичи. „Мотористи кои што ја бараат кофата со црвени и бели црти на KFC по автопат можат многу лесно да ја забележат фестонираната школка на бензинските пумпи на Shell или дуплите Х-ови на Exxon. Современите потрошувачи не ги бараат имињата, туку корпоративните симболи кои што ги заменуваат“ (Селам 1988 година).

Поради препознатливоста која што таквите симболи ја овозможуваат, потрошувачите се селективни во врска со брендовите кои што сакаат да ги набават. Тереза Шварц го опиша овој тип на препознавање на симболи и асоцијациите кои што ги создава брендот во една студија за реакциите на испитаниците на фотографии од идентични производи кои прикажуваат различни бренд логоа. Таа замолила 152 испитаници да реагираат на сликите на идентични маици со различни логоа на нив, и покажала дека самиот симбол ги наведувал испитаниците да имаат различни интерпретации на она што инаку е идентична слика. Нејзината работа не само што ја покажала свесноста за логоата и нивните бренд пораки кај нејзините испитаници, туку исто така покажала дека разликувањето на бренд пораките, пренесени со зашивање на логото на маицата, е практична стратегија за разликување на производите на пазарот (Шварц и Јакобуци-Swartz and Iacobucci 2000 година).

Како што истакнува Пол Ранд, генијот кој стои зад корпоративниот идентитет на IBM, допаѓањето или недопаѓањето не е фактор во овој вид на идентификација на логото на брендот. Тој го дава примерот со логото на Mercedes, коешто нема никаква врска со автомобили, но коешто станало многу ценето од страна на потрошувачите затоа што претставува прилично ценет производ. Ранд исто така дава пример поврзан со маици – алигаторот на Lacoste е добро препознатливо и ефективно бренд лого и покрај фактот што алигаторите и маиците генерално не се поврзани едно со друго (Ренд 1994  година).

Брендирањето е исклучително важно на денешниот пазар, а еден ефективен начин на создавање, одржување и зацврстување на брендот е преку ефективниот дизајн и употребата на бренд лого.

Логото делува како показател за потрошувачите, им помага да ги препознаат производите на некој производител во инаку огромното море на слични производи и пренесува порака во врска со производот кој што го етикетира. Дизајнот на корпоративното лого е клучен аспект на успешното брендирање. Логото е она што им овозможува на потрошувачите да ги препознаат стоките на одреден производител и им ги поедноставува куповните одлуки врз основа на увидените разлики помеѓу конкурентни брендови. Добро дизајнирано лого овозможува лесно препознавање и брзи асоцијации помеѓу логото, брендот кој што го претставува и карактеристиките на тој бренд. Лошо дизајнирано лого нема да биде лесно препознаено и нема да помогне во разликувањето на производите кои што ги краси. Освен тоа, добро дизајнираните логоа се исто така важни во смисла на она што тие го пренесуваат во врска со компанијата што стои зад брендовите коишто тие ги идентификуваат и поради тоа имаат централна улога во создавањето на позитивни слики во мислите на потрошувачите не само за брендираните производи кои што ги означуваат, туку и за компаниите кои што стојат зад производите исто така.

Рекламирањето е виталната врска помеѓу производителите и потрошувачите затоа што инспирира акција. Неговата улога е да пренесува етички, вистинити, забавни идеи кои што ја претвораат мислата во акција. Без рекламирање, трго-вијата запира, а преку рекламирањето трговијата се трансформира.

Во пазарна реалност, емотивните брендови го поврзуваат изборот на потрошувачите со вистинската комерцијална желба да направат разлика во овој свет. Прашањето кое што секој бренд и неговите продавачи мора да го постават е следново, дали сакаат потро-шувачите да го почитуваат брендот или да го сакаат и да го почитуваат. Денес, брендовите треба да бидат сакани за да бидат одржливи, а за да биде сакан, брендот треба да биде допадлив. Рекламирањето е важна алатка за да се биде емотивен бренд. Apple е познат по неговите реклами, кога ќе видат реклама на Apple, луѓето ја запаметуваат. Идејата зад рекламата Размислувај поинаку е да се натера потрошувачот да сфати дека има избор во тоа што го одбира. Можете да купите Mac и да бидете како Алберт Ајнштајн или да купите PC и да бидете како сите други. Пораката на Apple беше прилично јасна, подобро е да се биде различен. Рекламата продолжува со именување на луѓе како што се Ганди и Алберт Ајнштајн, луѓе кои што ги почитуваме, а кои што отпрво биле сметани за луди. Кампањата Размислувај поинаку го истакнува iMac како бунтовен или генијален производ. Во остар контраст со другите телевизиски реклами, Размислувај поинаку воопшто не го прикажува iMac. Наместо тоа, заедно со логото на Apple беа прикажувани фотографии на славни луѓе кои што размислувале надвор од вообичаеното, Џон Ленон, Алберт Ајнштајн итн. Switch беше рекламна кампања лансирана на 10 јуни 2002 година од Apple компјутери. Во неа имаше, како што компанијата ги нарекуваше „вистински луѓе“ коишто ја „промениле“ платформата на Microsoft Windows со таа на Mac. Меѓународна телевизиска и печатена рекламна кампања ги упатуваше луѓето на веб страна на која што многу митови поврзани со платформата на Mac беа побиени. Идејата зад сведочењата на потрошувачите е да се најдат секојдневни луѓе кои што ја направиле промената и се задоволни со неа. Ова им овозможува на потрошувачите да се поврзат со личноста и да размислат за тоа самите да го купат производот.

Apple исто така ги рекламира своите производи и на големото платно како и на телевизијата. Сведоци сме на постојано присуство на брендот на филмови и телевизиски серии во кои имаше производи на Apple. Ова е еден од начините на Apple за приближување на нивните производи до помладата публика. Кога помладите луѓе гледаат дека нивните омилени глумци и глумици користат Mac тоа ги охрабрува и самите да го користат.