По барање на Управата за јавни приходи Основниот суд донесе решение за отворање на стечајна постапка, за керамичката индустрија Киро Ќучук од Велес, додека за стечаен управник назначен е Ацо Петров.
Велешкиот портал Лисица јавува дека вкупниот долг на Киро Ќучук изнесува околу девет милиони евра, од кои 6,1 милион евра се долг кон државата.
На вчерашното отворање на стечајната постапка присуствуваа и дел од фирмите на кои фабриката им должи.
“Тешка е состојбата дека воопшто ќе дојде до подмирување на долговите, барем само на главниот долг на побарувањата на доверителите. Јас застапувам пет приватни правни лица кои имале деловна соработка со фирмата. Околу три милиони денари долг без камати и извршни трошоци. За сите три предмети се водат извршни постапки кои не можеме да ги намириме”, рече Гроздан Сутинов, адвокат.
Судската одлука ја чекаа и стотината вработени во фабриката, кои со месеци, па и години не одат на работа. Компанијата им должи по дваесетина плати, а не им се исплатени ниту придонесите за здравствено и пензиско осигурување.
Во Киро Ќучук некогаш работеа повеќе од 800 работници кои произведуваа 130 милиони единици тенкоѕидни, градежни елементи за пазарите во Македонија, Косово и Србија.