Велешки БРАКО ќе вработува ученици од средното училиште Коле Неделковски

36

0b8cacb9-274d-42cc-8927-e97add63c8fc

Триесет ученици од четврта година од ССОУ Коле Неделковски Велес ќе бидат вработени како најдобри по завршената пракса што ова лето ќе се спроведува во компанијата БРАКО. Велешката компанија во договор со средното училиште ќе ги ангажира сите средношколци со завршена четврта година што сакаат да научат повеќе, да бидат дел од еден систем и за својот ангажман ќе добијат финансиски надомест. БРАКО инвестираше 4 милиони евра во нова хала и опрема, каде веќе се набавени најсовремени CNC компјутерски водени машини и за чии оператори ќе бидат обучени нововработените од оваа програма.

Соработката меѓу БРАКО, општината Велес и училиштето е создадена со цел да се спојат потребите на компанијата и потребите на заедницата преку создавање можности за нови работни места.

„Компаниите мора повеќе да се ангажираат и вклучат во напредокот на локалните заедници, преку создавање можности за економски стабилни центри и одржливи градови. Но, на тој пат, подеднакво треба да изградиме и сериозен пристап кон образованието на нашите млади кадри и да создадеме квалитетно образувани генерации. Факт е дека недостасува добар кадар со техничка подготвеност од средната струка. Само технички добро обучени кадри може да ја најдат својата иднина во локалните компании. Од друга страна пак, без практична настава не може да има развој на овие кадри. Затоа и се решивме на ваков тип соработка, каде преку стекнување со практично знаење, учениците ќе имаат можност да останат на работните позиции во БРАКО. Училишниот центар Коле Неделковски има традиција на центар за квалитетно индустриско образование. Токму овде се и моите почетоци“, изјави Кочо Анѓушев, Претседател на Одбор на директори на БРАКО.

Учениците од електро и машинската струка ќе бидат вклучени во производниот процес на компанијата, ќе бидат обучувани и надгледувани од вработените и искусниот кадар на БРАКО. Компанијата е една од ретките во регионот според искуството со проекти. Производите на БРАКО секојдневно се пласираат на македонскиот пазар, но и на пазарите во Албанија, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Австрија, Словенија, Италија, Унгарија и други држави.

Оваа соработка продолжува и со уште еден проект што пак ќе ја збогати практичната работа во самото училиште. Дел од опремата на БРАКО е донирана во училиштето кое ќе биде ангажирано за изработка на делови за компанијата. Составувањето на елементите, соодветно на возраста и досегашната обука, ќе им бидат доверени на учениците од трета и четврта година од оваа училиште, а за возврат училиштето ќе добие извесен финансиски надомест од БРАКО.

„Ваков вид на соработка е неопходна за учениците и од аспект на пренесување на вештини и знаења, но уште повеќе со можноста за вработување. Тоа многу придонесува и за развој на заедницата преку создавање на добро обучени и подготвени кадри кои ќе продолжат да создаваат кариера на локално ниво. БРАКО е компанија што во локални и национални рамки покажа дека позитивните промени и трансформации се возможни и со искуството што го поседуваат верувам дека на учениците ќе им бидат пренесени не само знаења од струката, туку и другите позитивни вредности”, изјави директорот на средното училиште, Боро Ристовски.

БРАКО е лидер во производството на метални и челични жичени и други производи кои се неопходни за индустријата, потрошувачката, медицинскиот и транспортниот сектор.