Велика Британија ги прошири санкциите за Русија и за Белорусија

29

Велика Британија објави нов пакет санкции против Русија и Белорусија, што ќе влијае на трговијата за 1,7 милијарди фунти, соопшти британската влада.

Целта е сериозно да се намали способноста на Кремљ да ја финансира војната во Украина.

Новите увозни давачки влијаат на голем број стоки, меѓу кои платината и паладиумот.

Забраната за извоз влијае на трговијата со хемикалии, пластика, гума и машини. Така, вредноста на производите кои се предмет на новите санкции изнесува над 4 милијарди фунти.

Министерството за меѓународна трговија соопшти дека новите увозни давачки опфаќаат 1,4 милијарди фунти стоки, додека забраната за извоз влијае на повеќе од 250 милиони фунти производи во секторите на руската економија кои се најмногу зависни од британските стоки.

Според агенцијата, третата рунда трговски санкции, која ги исклучува златото и енергијата, ќе влијае на повеќе од 96 отсто од увозот од Русија и над 60 отсто од стоките што Британија ги извезува во Русија.

Обединетото Кралство продолжува да стои рамо до рамо со Украина и тесно да соработува со своите меѓународни партнери за да му нанесе максимална штета на режимот на Путин со намалување на ресурсите и средствата што ѝ се потребни за да ја води оваа нелегална војна, сподели Министерката за меѓународна трговија Ане-Мари Травелиан.

Таа увери дека се користи секоја можност за зголемување на притисокот за изолирање на руската економија, а дополнителните мерки ќе ги затворат профитабилните начини за финансирање на воената машинерија на Путин.