Велика Британија и Нов Зеланд постигнаа договор за слободна трговија

21

Обединетото Кралство и Нов Зеланд постигнаа договор за слободна трговија во принцип насочен кон намалување на царините, подобрување на трговијата со услуги и приближување на Лондон до членство во поширок транс-пацифички трговски договор, објави Ројтерс.

Договорот го потпишаа премиерите Јасинда Ардерн и Борис Џонсон по 16 месеци преговори.

„Новиот договор ќе го забрза економското закрепнување на Нов Зеланд од последиците од пандемијата. Договорот добро им служи на економијата на Нов Зеланд и на извозниците затоа што повторно се поврзуваме, обновуваме и закрепнуваме од КОВИД 19 и се радуваме на иднината“, рече Ардерн.

„Ова е голем трговски договор за Обединетото Кралство, кој го зајакнува нашето долгогодишно пријателство со Нов Зеланд и ги зајакнува нашите врски со Индо-Пацификот“, рече Џонсон, додавајќи дека договорот е „врвот на долгото и трајното партнерство“ меѓу двете земји.

Договорот, кој е начелно договорен и чиј текст ќе биде финализиран во наредните месеци, ќе му овозможи на Нов Зеланд „невиден пристап“ до британскиот пазар, рече Ардерн.

Обединетото Кралство треба да ги укине сите царини за извоз од Нов Зеланд, со што на извозниците ќе им заштеди најмалку 37,8 милиони новозеландски долари (27,2 милиони американски долари) годишно.

Пред да прогласи пандемија во март минатата година, Велика Британија беше седмиот најголем трговски партнер на Нов Зеланд со двонасочна трговија во вредност од скоро 6 милијарди долари.

Неодамна беше објавено дека Велика Британија размислува да се приклучи на постојниот трговски договор меѓу САД, Мексико и Канада.