Британците кои ќе сакаат да купуваат автомобили произведени во Европската унија ќе мораат да платат и царина во висина од 10%.
Долго време се зборуваше што ќе се случи кога Велика Британија ќе го реализира Brexit и ќе ја напушти Европската унија, како и што тоа ќе значи за автомобилската индустрија. Сега пристигнува одговор на оваа дилема. Имено, Велика Британија ќе започне со примена на правилата кои се во согласност со начелата на Светската трговска организација (World Trade Organization). Во согласност со тоа е најавата дека за возилата произведени надвор од територијата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска ќе се плаќа царина од 10 проценти.
Британската влада истакнува дека е возможно оваа одлука да биде променета доколку со ЕУ биде постигнат договор за слободна трговија. Оваа одлука би требало да ги заштити домашните производители на автомобили.
Владата на чело со Борис Џонсон тврди дека во овој случај значително ќе се зголеми продажбата на автомобили произведени на Островот. Тоа би овозможило значително подобра позиција на производителите како Vauxhall и Jaguar Land Rover, но и Nissan кој поседува фабрика во оваа земја.
Стручњаците веруваат дека ваквата одлука на британските власти ќе доведе до пад на побарувачката за моделите од големосериските марки, додека падот кај премиум брендовите ќе биде помалку изразен. Porsche уште минатата година најави дека неговите купувачи во Велика Бритaнија можат да очекуваат раст на цените од 10 проценти доколку не дојде до договор на релација меѓу Велика Британија и ЕУ.
Останатите производители се уште се немаат огласено околу воведувањето на царината, но јасно е дека ако ваквата одлука опстане на сила, брендовите кои имаат свои погони во Велика Британија ќе се најдат во многу подобра позиција од оние кои се приморани да увезуваат.
Преземено од Avtoplus.mk
Фото: Freepik