Вело кафе – свежо мелено еспресо за вистинско уживање по скопските улици

420
naslovna velo
Димитар Димитровски, Дарко Јовчевски, сопственици на Вело кафе

Овој концепт на продавање на кафе и храна функционира одлично во САД и во поголемиот дел од западна Европа, им овозможува на луѓето да се напијат квалитетно кафе по многу прифатлива цена, а да не мора да седнат во кафуле. Уште од почеток најголема инспирација ни беше предизвикот да се направи нешто што досега го немало во Скопје, а нешто што дефинитивно недостасувало тука, велат сопствениците на Вело кафе, Дарко и Димитар, кои сигурно сте ги виделе во Градскиот парк или на улица Македонија.

БИ: Вело кафе на скопјани им овозможи да шетаат и да пијат кафе. Што Ве инспирира да започнете со ваков бизнис?

Овој концепт на продавање на кафе и храна функционира одлично во САД и во поголемиот дел од западна Европа, им овозможува на луѓето да се напијат квалитетно кафе по многу прифатлива цена, а да не мора да седнат во кафуле. Уште од почеток најголема инспирација ни беше предизвикот да се направи нешто што досега го немало во Скопје, а нешто што дефинитивно недостасувало тука. Како љубители на велосипедите, решивме дека дефинитивно ова е вистинскиот концепт за продавање на кафе, од својот велосипед :). Постојано при изработката на трициклот се среќававме со технички, но и практични проблеми како недостаток на делови, репарирање на стари делови, импровизирање со деловите кои ги имаме на нашиот пазар и многу други проблеми, но секој решен проблем не мотивираше да продолжиме понатаму и не уверуваше дека на крај ќе добиеме еден одличен продукт од целиот наш труд. И мислам дека тоа и се случи 🙂

DSC_0906

БИ: Чија креација е велосипедот?

Велосипедот е наша креација, со постојано консултирање на интернетот и неколку пријатели инженери и се разбира, со голема помош од мајсторите, кои нашата идеја ја трансформираа во дело. Како што споменав и претходно, вакви велосипеди за извршување на секакви работни задачи не се ништо ново за западноевропскиот пазар, а посебно за Холандија каде што можете да купите трицикл за секоја намена што можете да ја замислите. Разликата кај нас е што ние го немавме тој избор, односно моравме да одиме по потешкиот пат, што значи изработка на целиот велосипед од нула, но сепак задоволството по завршувањето на трициклот беше вистинска награда за целиот труд.

БИ: Што им нуди Вело кафе на потрошувачите?

velo 3Одлично италијанско кафе, свежо цеден сок од портокал, неколку сирупи со разни вкусови од францускиот бренд Монин кои служат како додатоци за кафето и го прават кафето уште повкусно и поуникатно и сето тоа проследено со добар муабет и насмеани лица. На големо чудење на граѓаните кои првпат ќе се сретнат со Вело кафе, за разлика од се друго што можете да добиете на улица во форма на кафе, ние нудиме квалитетни производи и вистинско свежо мелено еспресо кафе и уште побитно за вистинските љубители на кафе, тоа кафе го приготвуваме во професионална еспресо машина од брендот Gaggia.

БИ: На кои локации можат луѓето да се напијат од вашето кафе?

Најчесто сме во Градскиот Парк Скопје, бидејќи Вело кафе целосно се вклопува во атмосферата на паркот и неговите убавини. Луѓето се опуштени кога се на прошетка во паркот и убаво кафе во нивната рака е секогаш посакувано.

БИ: Што правите кога врне, дали тогаш излегувате некаде?

Зависи од интензитетот на дождот. Но најчесто дождливите денови ги користиме за некои други активности поврзани со целиот концепт на Вело кафе како подготовки, спроведување на нови идеи и така натака.

velo 2

БИ: Со оглед на тоа дека сте постојано на отворен простор, колку сте изложенина ризик? Сте имале ли некакви непријатни ситуации?

Не можеме да се пожалиме за такво нешто. Искуството досега е целосно пријатно, одлично сме прифатени од граѓаните и навистина мислам дека немаме незадоволен потрошувач. Иако звучи нереално, посебно за нашето опкружување, сепак сме немале никакво непријатно искуство.

БИ: Планирате ли летово да смените локација на некоја туристичка дестинација, на пример во Охрид?

Можеби понатаму, ова лето дефинитивно остануваме со скопјани, да помогнеме да се разладат во жешките денови кои претстојат.

БИ: Какви се вашите планови за во иднина, проширување на палетата на производи што ги нудите или уште еден ваков велосипед?

DSC_0914Повеќе сме насочени кон усовршување на постојните производи и нормално, уште еден ваков велосипед е нашата цел. Граѓаните на Скопје полека но сигурно се навикнуваат на ваквиот концепт на работа и навистина им се допаѓа. На почетокот едниствените муштерии кои го прифаќаа концептот без некакво чудење беа туристите, кои можам да кажам дека ја повлекоа ногата и на нашите скопјани. Сметам дека не би било фер од наша страна доколку не им го овозможиме ова на повеќе локации во градот.