Верина – станови во скопски мини град по пристапна цена

292

Зелена површина, езеро, вештачки водопад, базен со пикник простор, детско игралиште, билијард клуб и фитнес центар опремен со сауна и турска бања, сето тоа се карактеристиките на новиот станбен комплекс Верина.

Комплексот се наоѓа во непосредна близина на скопската обиколница на атрактивна локација во Орман и се простира на 30.000 метри квадратни. Комплексот е од затворен тип со сопствено обезбедување, составен е од седум станбени објекти, во завршна фаза од градбата со вкупно 58 луксузни станови со површина од 170 и 210 метри квадратни. Реализацијата на проектот започна во мај минатата година, а официјалното пуштање во употреба се очекува на пролет.

Инвеститор е д-р Благоја Николовски, а изведувач на градежните работи е компанијата Никоб Инжинеринг, која воедно го има изработено и проектот за комплексот.

“Кај нас не станува збор за класични станови, туку за концепт на организирано живеење коешто ќе ги олесни секојдневните обврски на лицата кои ќе бидат дел од овој комплекс. Нудиме пристапна цена, беспрекорен квалитет на оваа станбена населба којашто по многу нешта се разлика од понудата на станови што постои во градот”, изјави Благоја Николовски.

Станарите на Верина ќе може да уживаат во 15.000 метри квадратни зелена површина, порибено езеро со површина од 5.000 метри квадратни, вештачки водопад, базен со пикник простор, рекреативни терени, детско игралиште, билијард клуб и фитнес центар опремен со сауна и турска бања. За потребите на комплексот, во негови рамки ќе функционира и супермаркет. Сите објекти ќе бидат опремени со панорамски лифт, а становите се распоредени по два на еден кат и се целосно одвоени, односно немаат заеднички ѕидови. Секој стан има поглед кон езерото. Покрај ова, сопствен систем за греење и ладење, како и сопствен паркинг простор се дел од поволностите за идните станари.

“Филозофијата и концептот на овој комплекс е создавање на еден облагороден животен простор каде ќе бидат достапни сите неопходности за нормално одвивање на секојдневните потреби на едно типично семејство. Комплексот Верина е совршено место за живеење затоа што е доволно изолирано од градската врева, а сепак блиску до градот и истовремено ги нуди сите потребни содржини за еден мирен, среден и повеќе од пријатен живот”, изјави главниот архитект на комплексот, Звонимир Вељак.

Верина се наоѓа на мирна и тивка локација далеку од градскиот метеж, но со оглед на непосредната близина на скопската обиколница и трасата на планираното продолжување на булеварот Илинден, комплексот има одлични сообраќајни врски со центарот и со другите делови на градот. Дополнително, со својот концепт и со квалитетот на градбата и на вградените материјали кои се на највисоко ниво, Верина наметнува нови повисоки стандарди за домување во нашата држава.