Вештачки остров со ветерници ќе снабдува пет европски земји со струја

149

tnet

Фото: Youtube

Холандската национална енергетска компанија TenneT во средината на Северното море планира да изгради вештачки остров што треба да служи како поддршка на најголемата фарма со ветерници. Островот ќе биде сместен во областа наречена Dogger Bank, подводен песочен рид што се наоѓа на 100 километри североисточно од брегот на Англија кон Данска.

Dogger Bank се наоѓа на само 20 метри морска длабочина, а се протега на површина од 260 километри и ширина од 65 километри. Поради положбата, електричната енергија што ќе се генерира ќе може да опслужува пет европски земји, пишува Quartz.

Бидејќи локациите што се близу до крајбрежјето се пополнети, компаниите за производство на енергија од ветер изминативе години бараат оддалечени локации за изградба на ветерници. Проблематично е тоа што оддалечените ветерници се поскапи за одржување, а секоја ветерница мора да биде поврзана со кабел директно на дистрибуциски центар. Вештачкиот остров ќе служи како центар за собирање на генерирана електрична енергија, а поради близината на ветерниците, трошоците за одржување ќе бидат пониски. Енергијата преку кабли ќе може понатаму да се испраќа до: Холандија, Велика Британија, Белгија, Германија и Данска.

Најголемата фарма на ветерници е London Array, којашто се протега на површина од 122 квадратни километри, а произведува 630 MW електрична енергија. Фармата што ќе ја изгради TeneT треба да произведува 30 GW. Ако работите се одвиваат според планот ветерната електрана би требало да почне да работи во 2027 година.