Загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми во современиот свет, што има исклучително штетни последици по здравјето на луѓето, без разлика дали станува збор за население од големи градови или рурални области.
Лошиот квалитет на воздухот може да предизвика разни болести, па многу организации, научници и компании работат на развој на разни проекти со цел решавање на овој проблем.
Еден од нив е BioUrban проект на мексиканската компанија BiomiTech, којашто е специјализирана за системи за филтрирање на микроалги, што се чини дека дава многу охрабрувачки резултати.
BioUrban 2.0 е револуционерен уред којшто има ист ефект врз прочистувањето на воздухот како 368 дрвја.
Се состои од пет цилиндри, секој со волумен од 100 литри и исполнет со алги. Познато е дека растенијата апсорбираат јаглерод диоксид од атмосферата преку процесот на фотосинтеза, а алгите се особено ефикасни во тоа. Tие апсорбираат воздух, го филтрираат, а потоа го ослободуваат во прочистена форма.
Друга голема предност на овој уред е тоа што е целосно автономен затоа што се напојува со соларна енергија.
Исто така, треба да се напомене дека уредот може да работи 24 часа на ден благодарение на светилките кои ги осветлуваат алгите во текот на ноќта и со тоа овозможуваат продолжување на циклусот на фотосинтеза.
Алгите треба да се менуваат на секои три до четири месеци, и добро е што отстранетите алги се користат како компост на земјоделско земјиште. Ова роботско дрво, долго четири метри, не ги заменува вистинските дрвја, туку ги надополнува, а е наменето за инсталација на јавни површини, поголеми крстосници и други фреквентни локации, пишува Ekovjesnik.hr.
Цената на уредот е 40.000 евра, од кои неколку веќе се инсталирани во Мексико, Панама и Колумбија, а наскоро треба да пристигнат во Европа. Велика Британија и Франција веќе изразија интерес за нивна инсталација со цел намалување на загадувањето на воздухот.
Фото: YouTube Printscreen