Ветерот и сонцето за првпат произвеле 10 отсто од светската електрична енергија

59

Светот во 2021, користејќи енергија од ветер и сонце, за првпат произвел глобално 10 отсто од електричната енергија, покажува нова анализа. Педесет земји во светот добиваат повеќе од десетина од својата енергија од ветер и сонце, покажуваат резултатите на Ембер, британскиот истражувачки центар за климатски промени и енергија, пишува Би-би-си.

Со опоравувањето на светските економии од пандемијата на ковид-19 во 2021, побарувачката за енергија порасна. Со рекордна брзина порасна и побарувачката за електрична енергија, поради што дојде до пораст на потребата за енергија од јаглен, која од 1985 расте со најбрза стапка.

Во текот на 2021 од енергијата од ветер и сонце и други чисти извори се произведени 38 отсто од светската електрична енергија. За прв пат турбините на ветер и соларните панели произвеле 10 отсто од вкупната енергија, а уделот на ветерот и сонцето во производството на енергија се удвоил од 2015, кога беше потпишан Парискиот климатски договор.

Најбрз премин на енергија на ветер и сонце остварен е во Холандија, Австралија и Виетнам. Сите три земји во последните две години преместиле десетина од својата побарувачка за електрична енергија од фосилните горива на зелени извори.

„Холандија е одличен пример на земја на северната хемисфера која докажа дека не е важно само тоа колку денови во годината има инсолација туку е многу важна и ефикасната енергетска политика на земјата која ќе направи голема разлика кога станува збор за користењето на сончевата енергија“, кажа портпаролката на Ембер Хана Бордбент.

И Виетнам забележал спектакуларен раст. Во само една година користење соларна енергија пораснал за повеќе од 300 отсто.

„Во случајот на Виетнам направен е голем исчекор во соларното производство благодарение на субвенциите кои на поединци и компании им ги исплаќала владата за производство на електрична енергија. Тоа ги поттикнало домаќинствата и комуналните компании на користење на големи количества сончева енергија“, кажа Дејв Џонс, директорот на компанијата Ембер, додавајќи дека таквата политика резултирала со намалување на производството на јаглен и гас.

И покрај фактот што земјите како Данска денес добиваат над 50 отсто од својата електрична енергија од ветер и сонце, и енергијата од јаглен доживеала значителен пораст во 2021.

Големо мнозинство од зголемената побарувачка за електрична енергија во 2021 покриле фосилните горива, при што електричната енергија од јаглен пораснала за 9 отсто, што е најбрзо растечка стапка од 1985 година.

Голем дел од порастот на употребата на енергијата од јаглен е забележан во азиските земји, особено Кина и Индија. Но зголемувањето на потрошувачката на јаглен не било усогласено со користењето на гас, кое глобално се зголемило за само 1 отсто, што укажува дека поради порастот на цените на гасот јагленот станал поодржлив извор на електрична енергија.

„Минатата година сведочевме на навистина исклучително висока цена на гасот, а јагленот стана поевтин од него“, вели Џонс. „Во овој момент цените на гасот низ Европа и поголемиот дел од Азија се 10 пати поскапи од истиот период минатата година, а јагленот е трипати поскап“.

Зголемувањето на цените на гасот и јагленот Џонс ги смета за „двојна причина за тоа електроенергетските системи да се ангажираат на поголемо производство на чиста електрична енергија, имајќи предвид дека светската економија се смени од корен“.

Научниците, пак, велат дека, и покрај повторниот пораст на користењето енергија од јаглен во 2021, целта на големите економии, меѓу кои се САД, Канада, Британија и Германија, е да ги префрлат своите мрежи на 100 отсто електрична енергија во следните 15 години.

Во позадината на таквата промена е глобалната загриженост кога станува збор за одржување на порастот на светската температура под 1,5 Целзиусови степени во овој век. За таа цел да се реализира, научниците велат дека енергијата од ветер и сонце до 2030 година треба да расте за околу 20 отсто годишно, а авторите на најновата анализа веруваат дека тоа е апсолутно возможно во овој момент.

Енергијата од ветер и сонце нуди решенија за повеќе кризи со кои светот се соочува, без оглед дали станува збор за климатската криза или зависноста од фосилните горива. Бродбент истакнува дека ова би можела да биде вистинска пресвртница.