Митреска: Народната банка ќе направи нагорна проекција на инфлацијата

Народната банка ќе направи нагорна проекција на инфлацијата, рече денеска вицегувернерката Ана Митреска. Таа оцени дека се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност што не е проблем само за носителите на макрополитиките, туку и за бизнис секторот. Клучен ризик, напомена, се трговските тензии поради нејасни и непредвидливи договори меѓу земјите.

На конференцијата што ја организира „Блумберг Адрија“, освен на проекциите за инфлацијата, вицегувернерката се осврна и на геополитички ризици и нивното влијание врз македонската економија, како и на економскиот раст и стабилноста на банкарскиот сектор.

Според неа, глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија е неизбежен дел од макроекономските проекции.

– За жал, единствена константа во овие околности е непредвидливоста. Се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност. Ова не е проблем само за носителите на макрополитиките, туку и за бизнис секторот при носењето долгорочни бизнис планови. Анализите покажуваат дека скоро 83 проценти од анкетираните компании во ЕУ ја навеле неизвесноста како клучен фактор при носење одлуки за инвестиции – истакна Митреска.

Сепак, вицегувернерката проценува дека економијата засега добро се справува со овие ризици и на локално и на глобално ниво.

– Направена е и нагорна корекција за раст на глобалната економија поради водењето здрави политики и брзото прилагодување на бизнисот, како и поради тоа што тарифите се сепак пониски од очекуцвањата од најавите во април. Во ваква консталација на ризици не може да се потпираме на куси проекции, туку мора да правиме алтернативни сценарија – посочи Митреска.

Препораките за централните банки се да практикуваат транспарентност и јасност при анализите и изготвувањето на проекциите со објава на алтернативни сценарија и можни ефекти.

– Ние го правиме тоа. Во извештаите секаде имаме алтернативни сценарија со посочување на можна материјализација на ризици. Ние сме мала и отворена економија и скеое глобално сценарио неминовно ќе се одрази и кај нас. Сценаријата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се влезна претпоставка во нашите алтернативи: прво постои понеповолно сценарио со поголеми тарифи, повисоки инфлациски стапки, позатегнати финансиски услови и поголеми кредитни трошоци. И со вакви околности и нивните преносни ефекти оценката за глобалниот раст за следната година е да биде околу 1,2 проценти. Секако, има и поповолно сценарио. Сето ќе го вклучиме и во нашите проекции во наредниот период – истакна вицегувернерката.

Анализирајќи ја инфлацијата, нагласи дека растот на цените значително се смири споредено со двоцифрените нивоа од крајот на 2022 година и со такви шокови беше очекувано да се видат сериозни ефекти.

– Имајќи го предвид смирувањето на глобалните тензии, инфлацијата се смири на 3,5 отсто, па оваа година забележа одредено забрзување на четири отсто. Се соочуваме со продолжена инфлација и одредена разлика во однос на инфлаторните стапки во еврозоната – пазарот не се прилагоди соодветно, базичната инфлација е инертна и се движи околу пет проценти поради повеќе други фактори и ефекти на пример од силната кредитна активност, пораст на платите итн… Ние не направивме промени на каматната стапка од февруари за разлика од Европската централна банка (ЕЦБ), но презедовме други мерки кои обезбедуваат отпорност на економијата. На среден рок, со самиот факт дека е повисока инфлацијата (четири отсто) за разлика од проценките за три проценти, многу е веројатно да направиме нагорна корекција за годинава и на среден рок да стигнеме до посакуваните два отсто и да се усогласиме со еврозоната – потенцира Митреска.

Дополни и дека иако малите отворени економии, како што е македонската, имаат голема полза од глобализацијата и интернационализацијата, сепак кај нив најмногу се чувствуваат притисоците од геополитичкиот фронт.