Видео: Отворена најдолгата соларна патека за велосипеди која произведува струја

310

Властите во холандската покраина Утрехт ја отворија, како што велат, најдолгата соларна патека за велосипеди во светот, што произведува електрична енергија.

Учениците на едно локално основно училиште први се возеа по оваа патека долга  330 метри во селото Мартенсдијк, близу градот Утрехт.

Таа се состои од готови бетонски блокови покриени со тенок проѕирен слој кој штити и овозможува продирање на сончевата светлина во соларните ќелии во блоковите кои произведуваат струја.

Целта на проектот е да се утврди дали таквите патеки со двојна употреба може пошироко да се користат за производство на електрична енергија, со користење на соларната енергија.

“Тоа е многу важно. Ние сакаме да бидеме климатски неутрални до 2040 година и затоа мораме да се осмелиме да користиме иновации, а ова е многу иновативно“, рече Арна Шаделе, претставник од покраината.

Соларната велосипедска патека беше отворена на денот кога Европската Унија ја објави сеопфатната нова регулатива за исполнување на ветувањето за намалување на емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување за 55 % во текот на оваа деценија.

Фото: YouTube Printscreen