(ВИДЕО) Погледнете како танцуваше Илон Маск на отворањето на новата фабрика во Германија

361

Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, беше во одлично расположение додека го надгледуваше предавањето на првите автомобили на Tesla произведени во германска фабрика во Грунхајде, во близина на Берлин.

Се слушаше гласна музика додека 30 нови сопственици на Tesla заедно со нивните семејства за прв пат ги видоа нивните нови возила на Tesla како поминуваат низ тунел осветлен со неон, плескајќи и навивајќи додека Маск танцуваше и се шегуваше со обожавателите.

„Ова е одличен ден за фабриката“, рече Маск, опишувајќи го како „уште еден чекор кон одржлива иднина“.

Маск рече дека Tesla ќе лансира тест верзија на својот нов софтвер „Full Self-Driving“ во Европа, најверојатно следната година, зависно од одобрување од регулаторот.

„Во Европа е доста тешко да се вози целосно самостојно“, им рече тој на работниците во фабриката во вторникот, велејќи дека е потребна многу работа за да се решат ситуациите во Европа каде патиштата многу варираат од земја до земја.

И додека германскиот канцелар Олаф Шолц, кој исто така присуствуваше на настанот, ја пофали „гигатворница“ на Тесла како иднина на автомобилската индустрија, некои еколошки активисти го блокираа влезот во фабриката и истакнаа транспаренти со кои ја критикуваа високата потрошувачка на вода.

Маск се надеваше дека ќе започне со производство од фабриката пред осум месеци, но одложувањата со лиценцирањето и загриженоста за влијанието на фабриката врз животната средина го забавија процесот.

Тесла соопшти дека досега се вработени околу 3.500 од очекуваните 12.000 работници.

Маск во вторникот рече дека производството на батерии ќе биде „предизвик“ за следната година и ќе биде „ограничувачки фактор“ во наредните години, бидејќи Tesla сака агресивно да го зголеми производството на возила.

Засега Tesla заостанува зад Volkswagen кога станува збор за освојување на европскиот пазар на електрични автомобили, каде Volkswagen има 25 отсто удел, а Tesla само 13 отсто, пишува Reuters.

Американскиот банкарски гигант JPMorgan предвиде дека фабриката на Tesla во Германија ќе произведе околу 54.000 автомобили оваа година, а 280.000 во 2023 година, додека целосниот производствен капацитет од 500.000 возила ќе достигне во 2025 година.