Видео: Зелена кула во Атина – метар квадратен чини 26.000 евра, а становите се веќе распродадени

134

Становите во најголемата зграда во Грција, проект кој беше претставен пред неколку месеци, веќе се распродадени, по цена која достигнува вртоглави 26.000 евра за метар квадратен. Иако беше претставен на почетокот на јули, големиот проект на Lamda Development, Marina Tower во областа Елиникон во Грција, веќе најде купувачи за речиси сите 200 станови, т.н. зелена кула.

Според грчките медиуми, речиси сите станови во облакодерот Marina Tower развиен од Lamda Development во марината Агиос Космас се распродадени бидејќи грчките и странските инвеститори побрзаа да си обезбедат од 200-те станови од „зелената“ кула на 45 нивоа, пренесува Бизлајф.

Цените за метар квадратен во облакодер на 45 ката се движат од 7.500 до 26.200 евра, а највисоките цени почнуваат од 30-ти кат па нагоре. Станува збор за естетски едноставна градба, во целосна хармонија со морето и особеностите на медитеранскиот пејзаж.

Целосната изградба на овој амбициозен проект се очекува да биде завршена за пет години. Станува збор за една од најголемите светски инвестиции, практично изградба на цел нов град во предградието на Атина, чија изградба е вредна 68 милијарди евра.

Marina Tower е само еден од проектите што треба да се изгради, заедно со огромен парк и бројни други станбени и комерцијални објекти, кои се промовирани како шанса за Атина да се позиционира како клучна туристичка дестинација со капацитети што може да им ги понуди на туристите цела година.