Винаријата Бовин прослави 20 годишен јубилеј

321

Бовин, првата приватна винарија во Македонија, од која започна трендот на поголем извоз на флаширани македонски вина, како и развојот на винската култура во нашата земја, прослави 20 години работа.

20 години цврсто посветени кон своите основни принципи: беспрекорност во квалитетот, највисоки производни стандарди, употреба на квалитетно грозје од сопствени лозови насади, со цел да пласира врвни вина на домашниот и меѓународниот пазар

Пред голем број на гости од земјава и странство, амбасадори, јавни личности од политичкиот и општествениот живот во земјава, љубители на доброто вино, се обратија сопствениците и основачи на винарија Бовин браќата Кирил и Ѓорги Богевски, кои во таа прилика изјавија:

“Кога почнавме да го градиме Бовин, многумина се сомневаа дека ќе опстане, затоа што покрај нас работеа винарии со речиси 100 милиони литри, но тоа не не обесхрабри. Сакавме да направиме нешто ново, што ќе се разликува, верувавме во нашата визија. Верувавме во она што го правиме! Имавме врвна суровина, врвно грозје за производство на вина, квалитетна технологија, го донесовме во тоа време најдобриот стручен кадар, за да на крај создадеме квалитетно вино. Можеби имавме и малку среќа! Ние никогаш не правевме копија од вино, и секогаш се трудевме да направиме нешто ново, уникатно и посебно!“

Од 1998 година Бовин го следи сопствениот пат на производство на високо квалитетни вина, од кои се бара шише повеќе, вина направени само во тие години на берба и во многу ограничени серии од неколку илјади шишиња.

 

Бовин во моментов нуди дури 34 различни вина поделени во четири сегменти: Quality, Superior, Barrique и Dessert, а во својата гама на производи нуди и три вида на ракии, како и шери бренди.   Од Бовин доаѓаат најдобрите и најскапите вина во Македонија и регионот, вината My Way, A’gupke, Imperator, вина за кои мора да се поклопат многу работи за да настанат.

Винарија Бовин 20 години континуирано инвестира во подобрување на квалитетот на своите производи. Во моментов извезува во 37 земји во светот, Јапонија, Северна Америка, како и во многу од земјите во Европа.

Бовин може да го сместиме во групата на најуспешните македонски бренд амбасадори, односно македонски вина кои се меѓународно признати, и кои години наназад добиваат реномирани домашни и меѓународни признанија.

Во оваа јубилејна година, исклучителен успех постигна вранецот на Бовин  My Way 2011 кој освои злато во конкуренција на вина од целиот свет на интернационалниот вински натпревар одржан во Рочестер, Њујорк.

Неговиот полн богат вкус со комплексни ароми на црно зрнасто овошје, во комбинација со чоколадни тонови, одлежано во дабови буриња предизвика силни емоции и вистинско задоволство кај стручното жири, кои без двоумење му дадоа највисоки оцени.