Винаријата Стоби домаќин на Денови на македонската традиција во Белград

49

denovi-na-makedonskata-tradicija2

Македонската традиционална храна и врвните вина на винаријата Стоби изминатиот месец беа единственото нешто што можеше да се најде на менито на ресторанот Ковач во Белград. Во овој ресторан од осми до 22-ри мај се одржуваше манифестацијата Денови на македонската традиција, преку којашто се промовираа храната од земјава и најквалитетните вина од Македонија. Домаќин на оваа традиционална манифестација годинава беше винаријата Стоби во соработка со познатиот белградски ресторан, стои во соопштението.

Манифестацијата Денови на македонската традиција во Белград привлече бројни гости, љубители на македонските вина и храна. Голем број амбасадори, пејачи, актери, бизнисмени, политичари, книжевници, беа само дел од посетителите на ресторанот Ковач кои уживаа во гастрономските специјалитети на познатиот македонски шеф Влатко Огненовски, кого винаријата Стоби специјално го ангажираше за да го осмисли менито за целиот настан. На менито во ресторанот Ковач минатиот месец најактуелни беа различни македонски деликатеси како пинџур, галичко сирење, питулици со праз, модерно тавче гравче, охридски сарми, зајак во сос од дојрански маслинки, кочански ориз со нане, модерна македонска салата, приготвени од Огненовски. Извонредната храна беше дополнета со вината на Стоби, меѓу кои се и вината од ексклузивната линија Приватна резерва (Private Reserve) кои се закитија со највисоки признанија на повеќе натпревари низ светот.

Хедонистичкото патување низ македонската традиција почна на свеченото отворање на осми мај, кога ВИП гостите освен во вкусната храна и премиум вината на Стоби уживаа и во изворната музика во изведба на македонската група Љубојна. Манифестацијата свечено ја отвори амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска – Типко, која нагласи дека ништо не го отсликува толку добро духот на Македонија како нејзините вина, храна и музика.

Од винаријата Стоби се многу задоволни од одзивот и интересот на жителите на Белград за Деновите на македонската традиција, како и од бројните позитивни коментари што ги добиваат за нивните вина.

“Манифестацијата наиде на многу голем одзив, а задоволството и воодушевувањето на посетителите во ресторанот беше огромно. Добиваме многу пофалби и прекрасни зборови за целата организација што ни докажува дека сме го избрале вистинскиот начин за да ја промовираме македонската традиција во Србија. Среќни сме што имаме можност на луѓето во Србија, но и на многубројните странци кои престојуваат во земјата да им ја приближиме македонската гастрономија збогатена со врвните вина од нашите линии“, вели Ана Јорданова, главен вински уредник во винаријата Стоби.

Со промоцијата на вината на Стоби од линијата Приватна резерва (Private Reserve) на Денови на македонската традиција продолжува успешната регионална презентација на премиум линијата којашто се одвиваше во ноември минатата година. Доказ за успешната регионална промоција на вината од оваа линија се двата сребрени и двата бронзени медали кои неодамна ги освои Стоби на Балканскиот интернационален вински фестивал во Софија. Со сребрен медал се закитија вината од линијата Приватна резерва Вердо 2012 – 100 % Вердо барик и Аксиос 2013 – 100% Сирак барик, додека бронзен медал добија вината Веритас 2013 – 100% Вранец барик од линијата Приватна резерва и Класик Р’кацители“ 2016 – 100% Р’кацители.

Со успешното претставување на премиум вината и во другите земји, Стоби ја зајакнува својата позиција во регионот како една од водечките винарии кои доаѓаат од Македонија.