Винаријата Тиквеш ги закрои лозјата во чест на Свети Трифун

66

tikves-vino-vizual На годинешното закројување на лозите во чест на Свети Трифун, заштитникот на лозарите, во винарската визба на Тиквеш, денеска присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот колега од Хрватска, Тихомир Јаковина.

Кроењето на лозовите насади на винарската визба Тиквеш во месноста Лепово во Тиквешијата, беше проследен со сите традиционални обичаи, во присуство на претседателот на управниот одбор Светозар Јаневски, извршниот директор Игор Илиевски, членови на управата, како и гости лозари и вработени во најголемата македонска винарница.

„Македонија докажува дека е земја во која се почитува и негува традицијата на производство на врвно вино. Со поддршката која ја добиваат од нас, македонската винска индустрија може да го искористи својот огромен потенцијал, а македонското врвно вино да го зацврсти своето место на светската винска мапа кое го заслужува“, изјави министерот Димовски.

Стратегијата за долгорочен одржлив развој на Тиквеш се темели на обемни и континуирани вложувања во сите сегменти, вклучувајќи го примарното производство со цел постојано унапредување на квалитетот на грозјето, каде се забележани импозантни резултати.

„Создавањето на врвно вино започнува уште на лозовите насади. Препознавајќи го значењето на квалитетот на грозјето во производството на вино, ние во Тиквеш посветуваме големо внимание, средства и знаење во развојот на сопствените лозови насади, но и на нашите партнери – лозарите, преку едукација и интензивна соработка во текот на целата година“, изјави Игор Илиевски, извршен директор на Тиквеш.

Во фокусот на активностите на винарската визба Тиквеш за одбележување на годинешниот празник се љубителите на висококвалитетното македонско вино. Винарницата лансираше специјална серија на вина со уникатни етикети кои им овозможуваат на љубителите на врвното виното сами да креираат лична посвета.

Винарницата ги отвори вратите на својот вински подрум во Кавадарци за сите оние кои за симболична цена сакаат да уживаат во автентичната комбинација на вино, храна и традиционална музика.

Во текот на денот во 100-тина угостителски објекти ширум земјата, организирани се забави на тема вино и љубов, со што треба да се придонесе кон ширење и унапредување на вкупната винска култура во земјата.