Вината на Тиквеш добија медали на меѓународен натпревар во Франција

41

grozje-i-vino4На престижниот меѓународен натпревар во Пекињон, Франција, што се одржа на 24 јануари годинава, виното Grenache Blanc на винарската визба Тиквеш од Кавадарци доби златен медал, додека виното Бела Вода се закити со два сребрени медали.

“Со ова Тиквеш влезе во клубот на светските вински елити бидејќи покрај оние од Шпанија, Италија и Франција беше единствената винарница од Централна и Источна Европа која се закити со одличје на меѓународниот натпревар”, рече Катерина Костовска од Тиквеш на денешната прес-конференција.

Таа истакна дека тоа поволно влијаело на нивниот извоз, особено на американскиот пазар.

“Единствено ние надвор од винските земји Франција, Шпанија и Италија добивме награди Добар партнер, 94 поени за Бела Вода и 90 поени за Вранец. Веќе ги пласиравме тие вина и се надевам дека и наредната берба ќе биде целосно распродадена. Очекувам годинава пораст на извозот на интернационалните пазари поголем од ланскиот кој изнесуваше 30%”, рече Костовска.

Тиквеш од вкупното производство, за извоз одвојува 60% до 65% и тоа најмногу за пазарите во регионот. Минатата година винаријата се проби на американскиот и на данскиот пазар, а во моментов е во преговори за влез на кинескиот и на други европски пазари.

Со вината од автохтоната сорта Вранец и со Мерло, винаријата започнува пробив на англискиот пазар, а се очекува и потпишување договор со голема руска компанија за извоз на вината на рускиот пазар.