Вината Тиквеш со специјална етикета

78

vdsadf Винарската визба Тиквеш лансираше вина со специјални етикети кои им овозможуваат на љубителите на виното сами да креираат лична посвета, впишувајќи го датумот, личноста и пригодата за која е наменето виното што го подаруваат.
Засега, серијата вина со специјални етикети ја сочинуваат ограничени количини Вранец Спешл Селекшн и Темјаника Спешл Селекшн, кои на почетокот ќе бидат достапни во поголемите трговски синџири и специјализирани продавници ширум земјата.
“Виното е совршен подарок за секоја пригода. Тргнувајќи од тоа, дојдовме на идеја да им овозможиме на љубителите на виното да стават своја лична посвета на самата етикета со што виното добива уникатен белег за одбележување на датумите и пригодите кои се значајни во животот на секој од нас”, велат од Тиквеш.
Оттаму, објаснуваат дека одлуката за лансирање на вакви вина е дел од програмата за одбележување на Св. Трифун, празникот посветен на заштитникот на лозарите. За празникот покрај традиционалното закројување на лозите, кое годинава ќе биде одбележано во месноста Лепово, најавуваат дека во 100-тина популарни кафулиња и ресторани ширум земјата ќе ги промовираат своите производи по симболична цена.
Менаџментот на Тиквеш минатата 2013 година ја оценува како делумно успешна, бидејќи оствариле подем на светскиот пазар, но се бележи стагнација или пад на регионалните пазари. Како најзначајни моменти за минатата година ги оценуваат пробивот на британскиот и данскиот пазар, зацврстувањето на американскиот пазар и почетокот на извозот во Кина.