Виното Аминта на Стоби се закити со злато во силна конкуренција од цел Балкан

59

Vinoto Aminta so zlaten medal vo Sofija 2

Црвеното вино Аминта од бербата од 2013 година на македонската винарија Стоби освои златен медал на престижниот регионален натпревар BIWC (The Balkans International Wine Competition), што се одржа од 26-ти до 29-ти мај во Софија, Бугарија. Станува збор за четврто издание на манифестацијата на која се претставуваат и се оценуваат најквалитетните вина од целиот Балкан, а на едно место во тек на четири дена се собираат реномирани енолози, вински критичари и познавачи.

Виното е дел од новата специјална серија “приватна резерва“ што Стоби ја претстави на крајот на минатата година. Енолозите на винаријата уште тогаш најавија дека Аминта заедно со Акација, Аура, Аксиос, Вердо и Веритас ќе им бидат нови адути на претстојните натпреварувања и вински саеми. Златото со кое се вратија од Софија е доказ дека се на вистинската патека, а во периодот што следува ќе се појават и на голем број други манифестации од сличен калибар. Освен со златото за Аминта, Стоби од Софија се врати и со три бронзени медали – за Аура, Веритас и за Р’кацители.

Винаријата годишно произведува вкупно 4,5 милиони литри вино, од кои најголемиот дел, односно 75% се пласира на 20 странски пазари. Овој факт ја прави втор најголем извозник на вино во шише од Македонија. Токму поради продажните бројки кои бележат нагорен тренд како и одличните оценки на винските настани, во план е проширување на производните капацитети на винаријата во следниот период.