Вински експерти, амбасадори и љубители на виното го одбележаа Св. Трифун во Стоби

72

stobi4

Стотици гости, меѓу кои и амбасадорите на Холандија, Италија и Унгарија, претставници од бизнис секторот, вински витези и експерти денеска присуствуваа на свечената прослава на празникот Св. Трифун во винаријата Стоби, стои во соопштението.

Настанот почна со литургија и закројување на лозите по што следуваше музичко шоу на кое присутните дeгустираа ексклузивни вина од богатата палета на една од најголемите винарии во Македонија. На прославата настапија: триото на реномираната џез пејачка Марија Димитриевиќ; новата надеж на домашната сцена Антониа Гиговска, која беше и финалист на шоуто Пинкови ѕвезди и џез бендот Д свингерс.

На денешниот настан ексклузивен гостин беше и претставникот од компанија Schermer од Холандија, која воедно е првата дистрибутерска фирма со која Стоби има потпишано договор. Прославата на Св. Трифун е заокружување на регионалната промоција на ексклузивните вина од линијата Private Reserve. Оценувајќи ја изминатата година како успешна, менаџментот на Стоби се надева дека и во 2017 ќе продолжат да се развиваат со исто темпо.

“На крајот на 2015 година промовиравме нови премиум вина и минатата година бевме фокусирани на нивно претставување во земјава и во странство. Акација, Аура, Аксиос, Аминта, Вердо и Веритас се најдоброто од најдоброто создадено од стручниот тим на винаријата и задоволни сме дека наидоа на одличен прием од вљубениците на виното, како и од енолозите и винските стручњаци“, објаснува Ана Јорданова, главен вински уредник во Стоби.

Лани беа организирани настани во Србија и Босна каде се дегустираа новите вина на Стоби, заедно со македонски специјалитети подготвени на модерен начин.

“Концептот не беше да го понудиме најдоброто од нашата винарија, туку од нашата земја и тоа пред одбрана публика. Миксот на нашето вино и вкусната храна се покажа како добитна комбинација. Минатата година учествувавме и на повеќе натпревари на кои добивме повеќе пофалници и медали, но најдраг ни е златниот медал за црвеното вино Аминта на престижниот BIWC (The Balkans International Wine Competition)“, појаснува  Јорданова и додава дека денешната прослава е можност да ги соберат сите свои соработници и пријатели на исто место, да го одбележат Св. Трифун и да посакаат и 2017 да им биде исто така бериќетна.

Стоби е модерно конципирана македонска винарија, лоцирана во општина Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. Произведува повеќе од 15 различни типови на вино од кои дел се продаваат и на европскиот и американскиот пазар.

Севкупниот капацитет на Стоби е 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Производството се базира исклучиво на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.