ВИП: Регулацијата на интерконекциските цени и жестоката конкуренција ги погодија резултатите

28

blizoo i vip

Телеком Австрија Групацијата денеска ги објави резултатите од своето работење за третиот квартал од 2014 година. За првпат извештајот за Република Македонија ги содржи податоците за Вип оператор и Близу Македонија, по преземањето на компанијата од страна на Телеком Австрија на крајот на јули оваа година, стои во соопштението на компанијата.

Силната регулација на интерконекциските цени е примарниот фактор кој доведе до значајно намалување на вкупните приходи, кои достигнаа 17 милиони евра во третиот квартал од 2014. Пониските цени кон крајните корисници, кои се должат на жестоката конкуренција и високите трошоци за субвенција на паметни телефони за корисниците, имаа еродирачки ефект врз финансиските резултати и доведоа до намалување на Заработката пред камати, даноци, амортизација и депресијација (ЕБИТДА) за 15% во споредба со минатата година и изнесуваат 4,3 милиони евра.

Бројот на мобилни корисници на Вип оператор забележа пад од 645.000 минатата година до 631.000 во третиот квартал од 2014 како резултат на намалувањето на припејд корисничката база, а пазарниот удел на Вип оператор изнесува 27,6%. Уделот на постпејд претплатници забележува тренд на зголемување и на крајот на септември 2014 изнесува 50% од целокупната корисничка база.

Во третиот квартал се вклучени и резултатите на Близу Македонија за август и септември, при што компанијата има 62.000 фиксни пристапни линии на 30 септември 2014.

“Силната регулација на интерконекциските цени и веќе премногу ниските цени за мобилна комуникација ја поткопуваат финансиската сила и го намалуваат потенцијалот за инвестирање во инфраструктура и евтини телефони за корисниците. Имајќи ја предвид и дополнително најавената регулација на роаминг цените, негативениот ефект врз индустријата ќе се засили, што особено ќе ги погоди инвестициите во модерна инфраструктура и технологии за натпревар во глобализираниот свет базиран на информации. Можности за нашиот иден раст гледаме во понудата на конвергентни услуги кои ќе обезбедат уште поголема вредност и придобивки за македонските граѓани“, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Вип оператор и претседател на Надзорниот одбор на Близу Македонија.

Капиталните инвестиции во Република Македонија во третиот квартал 2014 година се намалени од 11,5 милиони евра во третиот квартал минатата година до 1,6 милиони евра, при што треба да се земе предвид дека 10,3 милиони евра беа инвестирани во третиот квартал на 2013 година во лиценца за 4Г услуги.